Охрид пред избор: четворица кандидати, четири визии

Во недела, 19 октомври, охриѓани избираат нов градоначалник и нов состав на Советот. Во трката за градоначалник се четири имиња: актуелниот Кирил Пецаков (ВМРО-ДПМНЕ и коалиција), Асен Шајн (СДСМ и коалиција), Гоце Цветкоски (независен) и Стевче Стевоски (Твоја партија). Кандидатурите ги потврди Општинската изборна комисија, а четворицата формално го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори на 26 септември.

Кои се клучните ветувања по кандидат?

Кирил Пецаков (ВМРО-ДПМНЕ) – „модерен, дигитален, зелен Охрид“
Во новата програма Пецаков стави акцент на инфраструктура (училишта, градинки, патишта), дигитализација на општинските услуги, поддршка за спортот и културата, и еколошки иницијативи – сè со наратив дека градот треба да живее „во хармонија со езерото и културното наследство“. Најавени се и нови капитални проекти. Во мандатот го следеа куп контраверзии посебно поврзани со статусот на Охрид град на УНЕСКО и невозможноста да се воведе дисциплина во главниот туристички центар на државата.

Асен Шајн (СДСМ) – „Охрид – модерен град, град на УНЕСКО“
Опозициониот кандидат вели дека „време е за промени“, со прв фокус на чистота, комунален ред и функционален град, потоа на диверзификација на туризмот надвор од шпиц-месеците, транспарентност и економски живот што не „стагнира“.

Гоце Цветкоски (независен) – „10 прашања за поубав Охрид“
Во медиско претставување Цветкоски постави сопствен сет приоритети: ред во урбанизмот, мерливи инфраструктурни зафати, јавно учество и почит кон охридската автентичност. Формално се позиционира како кандидат кој сака да ја поттикне „локалната разумност“ наместо партиска конфронтација.

Стевче Стевоски (Твоја партија) – „практични решенија, јавна дебата“
Кампањата ја гради преку јавни прашања и ТВ-дебати, со фокус на конкретни урбани подобрувања и отворено управување.

Што реално ќе се одлучува?

Освен градоначалник, охриѓани избираат и 23 советници во Советот на Општина Охрид – бројка утврдена со државната Одлука за број на членови на советите. Паралелно се натпреваруваат единаесет советнички листи (седум партиски и четири независни), што ќе ја одреди идната мнозинска математика во општината.

Големите теми зад слоганите

1) Чистота, отпад и „летна логистика“
Јавното претпријатие „Комуналец“ годинава ја заостри операцијата пред сезона: акциски собирања на кабаст/зелен отпад, чистење диви депонии и поставување дополнителни корпи на плажи. Но хроничниот предизвик – пик оптоварувања во јули-август и ад-хок депонии – останува критериум по кој граѓаните најбрзо мерат резултат. Новиот градоначалник ќе мора да го стабилизира ова со јасни индикатори (рути, фреквенции, капацитети)

2) Охрид и УНЕСКО – „жолта карта“ со рок
УНЕСКО и ИУЦН/ИКОМОС во 2024–2025 оставија строги рокови: ревизија на урбанистичките планови, стоп за градби што ја компромитираат автентичноста, решавање на нелегалните објекти, управување со Студенчишко Блато, и координација со Албанија. Комитетот во јули 2025 не го стави Охрид на листата на загрозени, но даде уште една година да се испорача напредок и да се извести до 1 февруари 2026. Тоа значи дека следниот градоначалник ќе управува со обврски кои се измерливи и контролирани на меѓународно ниво.

3) Туризам низ цела година, не само јули-август
И СДСМ и независните потенцираат „долга сезона“, подобар јавен ред и инфраструктура што не колабира во шпиц, а општинските алатки (комуналии, јавен ред, паркирање, настани) да се користат за баланс меѓу жителите и туристите. Владејачката опција пак игра на карта на „капитални проекти + дигитални услуги“ со теза дека тоа ќе донесе подобро искуство и за жителите, и за гостите.

Зачлени се на нашиот е-билтен