Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ повторно алармира за сериозната состојба во која се наоѓа Охридскиот Регион, откако УНЕСКО уште еднаш укажа дека препораките за заштита не се спроведуваат, а притисокот врз природното и културното наследство сè повеќе расте.
Од „Охрид СОС“ посочуваат дека и покрај јасните предупредувања од Комитетот за светско наследство, институциите продолжуваат со пракса на игнорирање, дозволувајќи дивоградби, урбанистички хаос и интервенции што директно го загрозуваат статусот на регионот под заштита на УНЕСКО.
„Охрид не смее да стане уште еден изгубен бисер поради негрижа и политички калкулации. УНЕСКО јасно укажува што треба да се направи, но државата не покажува волја да постапи“, порачуваат од Охрид СОС.
Според иницијативата, последните извештаи на УНЕСКО се јасен сигнал дека трпението е при крај и дека доколку продолжи игнорирањето на препораките, Охрид сериозно ризикува да биде ставен на листата на загрозено светско наследство.
Охрид СОС апелира до надлежните институции итно да преземат конкретни мерки, да се запре урбаната деградација и да се воспостави вистинска заштита на природното и културното богатство, кое не ѝ припаѓа само на Македонија, туку на целиот свет.