Граѓанската иницијатива ОхридСОС алармира за каллива вода која деновиве се испушта во Охридското Езеро. Според нив, случајот предизвикува загриженост кај јавноста бидејќи станува збор за најголемото природно богатство на регионот.
Од ЈП „Колекторски систем“ Скопје, подружница Охрид, појаснуваат дека водата не е отпадна, туку потекнува од исцрпување на вода создадена при градежни активности над бензинската пумпа „Лукоил“ на булевар „Туристичка“.
„На терен излезе надлежниот инспекторат, како и екипи на ЈП ‘Нискоградба’ и ЈП ‘Колекторски систем’, со цел да се провери состојбата и да се преземат мерки“, информираат од претпријатието.
Граѓаните, пак, бараат институциите построго да ги следат сите градежни зафати во близина на езерото за да се спречи негово загадување.