Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека издава наредби и насоки за целосно расчистување на случајот во Карпош, во кој по пад од висококатница животот го загубија мајка и малолетно дете. Во рамки на постапката, едно лице е задржано во полициска станица и се преземаат дејствија за испитување на евентуална кривична одговорност.
Обезбедена е наредба од судија на претходна постапка за детален претрес на станот, кој по увидот бил запечатен и обезбеден. Во првичните сознанија што ги соопштува обвинителството се наведува дека во моментот на настанот мајката и детето биле сами во станот, заклучен од внатрешната страна.
Во текот на денот се вршат распити на повеќе лица, се спроведува екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видео надзор и други записи од неколку локации. Наредена е и обдукција на починатите.
Паралелно, побарано е детално известување од МВР и од Центарот за социјална работа за евентуални претходни пријави и поплаки од оштетената, а најавена е и внатрешна контрола во МВР за проверка на постапувањето по тие пријави.