Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага и предложи притвор за в.д. директорот на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, Сабахудин Рустеми, и за раководителот на секторот за управување со отпад, Аки Саити.
Тие се осомничени за загрозување на животната средина и природата со отпад, дело кое, според Обвинителството, го сториле постапувајќи спротивно на Законот за управување со отпад и на основната дејност на претпријатието – редовно собирање и транспортирање на комуналниот смет во Скопје.
Од ОЈО Скопје информираат дека со пропуштање на целосниот надзор и со непрописно управување со отпадот, осомничените овозможиле создавање мали диви депонии на јавни и сообраќајни површини, во близина на садовите за отпад, со што го загрозиле квалитетот на воздухот, почвата и водата, а со тоа и животот и здравјето на граѓаните.
Сомневањата биле утврдени по вонредни инспекциски контроли спроведени по наредба на Обвинителството и експертско мислење од Институтот за јавно здравје.
Рустеми и Саити, според информациите од ОЈО, сè уште се во полициската станица во Гази Баба, каде што се задржани во рамките на 24-часовниот рок предвиден за полициско задржување.
