„Океаните и морињата ни го враќаат она што сме им го фрлиле“: Како e создаден музејот на пластичен отпад – Археопластика?

На плажите во Италија, морето секојдневно исфрла пластични предмети од минатиот век - од шишиња и тапи до винил плочи. Енцо Сума од нив направи дигитален музеј кој сведочи за кризата со пластиката, но и за заборавените приказни што може да ги раскаже ѓубрето.

Сè започна кога Енцо Сума, натуралист од италијанскиот регион Пуља, пронашол старо шише крема за сончање „Ambre Solaire“ за време на прошетка на плажата Каровињ. На прв поглед, незначително парче ѓубре, но потоа ја забележал цената изразена во лири – италијанската валута пред воведувањето на еврото. Преку истражување, тој утврдил дека шишето датира од крајот на 1960-тите.

Тој момент го променил неговиот поглед на пластичниот отпад. Наместо само да го собира и фрла, тој решил да го основа Археопластика – виртуелен музеј со над 500 пластични предмети исфрлени на италијанските брегови.

„Едно е кога теоретски знаете дека пластиката трае со векови, а сосема друго е кога ја гледате со свои очи“, вели Сума, дипломиран еколог од Универзитетот Ка’ Фоскари во Венеција.

Од чеп направен од плута од 1958 година па се до плоча од 1965 година

Најстариот експонат во колекцијата е капаче од шише од 1958 година, направено од моплен – тогашен револуционерен материјал познат како изотактичен полипропилен. Пронајден е на брегот во регионот Емилија-Ромања.

Други интересни „пластични фосили“ вклучуваат:

-шише со розов прав од Германија, од 50-тите години,
-кутија крем за раце од 60-тите години со брендот „Gli Sette“,
-шише мед во форма на кловн, произведено исклучиво во Грција,
-кутија Nesquik од 80-тите години,
-па дури и фудбалска топка со логото на Светското првенство во Италија ’90.

Неодамна, во колекцијата е додаден необичен предмет – винилна плоча од 1965 година што ја пронашло седумгодишно момче на одмор. Кога ја вратиле во оригинална форма и ја пуштиле на грамофонот, се покажало дека станува збор за песната Il Mondo од италијанскиот пејач Гими Фонтана.

Порака од морето

Овој проект служи не само како архива на бизарни и носталгични предмети, туку и како силна порака за трајноста на пластиката и нејзиното влијание врз животната средина.

Научниците предупредуваат дека светот влегол во пластична криза – отпадот што го фрламе во природата денес може да трае со векови. Проценките велат дека околу 11 милиони тони пластика завршуваат во океаните секоја година.

„Природата буквално ни го враќа она што ѝ го оставивме. Археопластиката е потсетник дека ништо од тоа не исчезнува“, вели Сума.

Зачлени се на нашиот е-билтен