ОКТА даде попуст, цените на горивата ќе се намалат за 2,5 денари

Србија

Почнувајќи од денеска (13 март 2026), заклучно со крајот на овој месец, ОКТА ќе обезбеди попуст од 2 денари по литар дизел и бензини, за трговците кои набавуваат горива од компанијата, овозможувајќи им со тоа на големопродажните и малопродажните партнери дополнителна флексибилност оваа поддршка да ја рефлектираат во цените што им ги нудат на своите потрошувачи, соопштија денеска од компанијата.

Сепак оттаму додаваат дека трговците на големо и мало и понатаму самостојно ќе ги утврдуваат своите продажни цени, во согласност со сопствените комерцијални политики и пазарните услови.

Во оваа прилика, главнот извршен директор на ОКТА, Димитриос Пасхос, изјави: „Препознавајќи ги предизвиците во енергетскиот сектор што ги донесе актуелната состојба, ОКТА презема конкретни чекори за поддршка на пазарот и потрошувачите. Во овој контекст, зајакнувањето на снабдувањето преку продуктоводот ВАРДАКС игра значајна улога во обезбедувањето стабилност и континуитет во снабдувањето со горива низ целата земја“.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно денеска најави дека граѓаните уште во текот на денот може да очекуваат поевтини горива.

„И добра вест за македонските граѓани е што „ОКТА” на компаниите коишто соработуваат со нејзе, од денеска ќе даде попуст, отприлика 45 до 50 долари по тон. Тоа би значело намалување некаде околу 2,5 денари по литар. А потоа разговарав и со голем дел од сопственици на бензинските пумпи коишто рекоа дека тоа ќе го пренесат на крајните корисници. Бидејќи регулаторна ја одредува највисоката цена, очекувам откако ова ќе биде објавено, да веќе во текот на денот, за отприлика 2,5 денари по литар бидат намалени нафтата и нафтените деривати“ рече Мицкоски.

Претходно неделава, цената на горивата во Македонија драматично се зголеми кога со одлука на РКЕ цената на дизелот се покачи за 14,5 денари, додека бензинот поскапе за 5 денари по литар.

Зачлени се на нашиот е-билтен