Олимпијадата воведува нови правила со кои трансродовите жени повеќе нема да можат да настапуваат во женска конкуренција, одлука што ја донесе Меѓународниот олимписки комитет (МОК) и која ќе важи од Игрите во Лос Анџелес 2028. Според новата политика, учеството во женските дисциплини ќе биде дозволено само за спортистки кои се биолошки жени, утврдено преку еднократен генетски тест.
Од МОК велат дека целта на оваа одлука е да се заштити фер-плејот, безбедноста и интегритетот на женскиот спорт, повикувајќи се на научни анализи според кои постојат физички предности кај спортисти кои поминале машки пубертет.
Новите правила претставуваат значајна промена, бидејќи досега поединечните спортски федерации самостојно одлучуваа дали и под кои услови трансродовите спортисти можат да настапуваат. Со ова, МОК воведува унифициран пристап за сите олимписки дисциплини.
Политиката не важи ретроактивно и нема да се применува за аматерски или рекреативни натпревари, туку исклучиво за олимписко и врвно спортско ниво.
Одлуката веќе предизвика поделени реакции – додека дел ја поддржуваат како чекор кон фер натпреварување, други предупредуваат дека ваквите мерки можат да доведат до дискриминација и нови дебати околу правата на спортистите.