Иранската „репресија врз мирните протести“ и „институционалната дискриминација врз жените и девојчињата“ доведоа до кршење на човековите права, од кои некои може да се окарактеризираат како „злосторства против човештвото“, пишува во извештајот на Обединетите нации, пренесува Си-Ен-Ен.
Ваквите прекршувања и злосторства вклучуваат „вонсудски и незаконски убиства, непотребна и непропорционална употреба на сила, произволно лишување од слобода, тортура, силување, присилни исчезнувања и родово засновано прогонство“, се вели во соопштението за јавност.
Во извештајот се додава дека кршењето на правата на жените значително се влошило по протестите „Жена, живот, слобода“ предизвикани од смртта на 22-годишната Џина Махса Амини во септември 2022 година. Амини беше уапсена поради наводно непочитување иранската обврска за носење хиџаб, а почина во притвор откако била изложена на физичко насилство од т.н „морална полиција“.
Амини стана лице на жени кои повикуваат на поголеми права и слободи ограничени од Исламската револуција во 1979 година. Протестите повторно избија низ Иран минатиот септември на првата годишнина од нејзината смрт.
„Наместо веднаш, ефективно и темелно да ја истражи оваа незаконска смрт, како што налага меѓународното право за човекови права, владата активно ја прикриваше вистината и ја негираше правдата“, се вели во соопштението на ОН.
Во владиното задушување на протестите ширум земјата, Иран го мобилизираше „целиот државен безбедносен апарат за да ги запре“ демонстрантите, соопшти канцеларијата на ОН, додавајќи дека се верува дека безбедносните сили убиле дури 551 демонстрант, вклучително и најмалку 49 жени и 68 деца.