ОН: нападите на САД врз бродови се спротивни на меѓународното право

Високиот комесар на ОН за човекови права Фолкер Турк оцени дека нападите на пловни објекти осомничени за шверц на дрога се „недозволиви“ и во спротивност со меѓународното право, повикувајќи на итно запирање и независна истрага. Негова портпаролка, Равина Шамдасани, на прес-конференција порача дека САД мора да ги спречат вонсудските убиства, без оглед на наводните криминални дејствија на лицата што се наоѓаат на тие пловни објекти.

Операцијата, започната на почетокот на септември, прво таргетирала цели во Карипското Море, а потоа и во источниот дел на Пацификот. Според последните податоци, во нападите се убиени над 60 лица. Турк информирал дека прашањето е веќе подигнато директно пред американските власти, со јасна нотка дека правната рамка за борба против шверцот на дрога е спроведување на законот, со „внимателни ограничувања“ на употреба на смртоносна сила — а не водeње вооружен конфликт.

Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, ги оправдува акциите со образложение дека САД се во „воен конфликт“ со наркокартелите, повикувајќи се на овластувања сродни со оние од војната против тероризмот од ерата на Џорџ В. Буш. Токму тука е правниот јаз што ОН го нагласуваат: дали се работи за сценарио на спроведување на законот, каде смртоносната сила е крајна и строго пропорционална мерка, или за вооружен конфликт, каде важат правила на меѓународното хуманитарно право? Од одговорот зависи и оценката за легалноста на воздушните напади на отворено море.

За семејствата на загинатите и за екипажите на запленетите пловила правната квалификација не е академска дилема, туку прашање на живот и одговорност. Ако тезата на ОН преовлада, САД ќе треба да покажат транспарентност за целите, критериумите и командната одговорност — и да обезбедат правен лек за жртвите. Ако, пак, се наметне логиката на „воен конфликт“, тогаш глобалната борба против дрогата добива нов, опасен преседан: пренесување на воена логика врз полициски задачи, далеку од суд и без јасни процесни гаранции.

Зачлени се на нашиот е-билтен