ОН со остри критики за хуманитарната катастрофа во Газа

Високиот комесар за човекови права при Обединетите нации, Волкер Тирк, ги повика светските влади да преземат итни мерки поради влошувањето на хуманитарната ситуација во Појасот Газа.

– Сите во власта мора да се разбудат и да сфатат што се случува во Газа. Сите што имаат влијание мора да извршат максимален притисок врз Израел и Хамас за да се стави крај на оваа неподнослива состојба, рече Тирк на отворањето на сесијата на Советот за човекови права во Женева.

Тој нагласи дека траен мир е возможен само преку решение за две држави, со Газа како дел од идната палестинска држава.

Тирк остро ја осуди израелската воена кампања против Хамас, наведувајќи дека методите што се користат предизвикуваат „ужасно и нечовечко страдање на Палестинците“.

Тој ја осуди и „деградирачката реторика“ на израелски функционери, како и блокадата на испораките на хуманитарна помош од ОН, која е во сила од март, пренесува ДПА.

Комесарот побара истрага за смртните случаи поврзани со испораката на храна преку Фондацијата за хуманитарна помош во Газа (GHF), иницијатива поддржана од Израел и САД. Многу цивили, според него, се принудени да пешачат низ активни борбени зони до мал број центри, при што десетици загинале.

Зачлени се на нашиот е-билтен