Комитетот за човекови права при Обединетите нации утврди дека Бугарија го прекршила правото на слобода на здружување, откако домашните судови одбиле да ја регистрираат организацијата за човекови права „Комитет за заштита на правата Толерантност“, основана од етнички Македонец, без валидно и јасно правно образложение. Со тоа, случајот повторно го отвори прашањето за третманот на организациите на Македонците во Бугарија и за начинот на кој институциите во соседната земја постапуваат кога станува збор за нивно формално признавање.
Во објавените ставови, комитетот оценува дека одлуките на бугарските судови биле нејасни и претерано формалистички, а властите не објасниле ниту кои одредби од законот биле прекршени, ниту зошто одбивањето на регистрацијата било неопходно и пропорционално. Дополнително, било утврдено и дека не била земена предвид дополнителната документација што подносителот ја доставил за работата и целите на здружението.
Комитетот побара од Бугарија да ги преиспита домашните судски одлуки, да обезбеди соодветен надомест на подносителот, вклучително и покривање на трошоците и правните расходи, и во рок од 180 дена да извести какви мерки презела за да ја исправи повредата. Одлуката е важна затоа што доаѓа по долг низ спорови поврзани со регистрацијата на македонски организации во Бугарија и дополнително го засилува меѓународниот притисок врз Софија во областа на човековите права и слободата на здружување.
Случајот се однесува на историчар, кој според објавените информации е член или коосновач на повеќе непрофитни организации на етнички Македонци и тврдел дека ниту една од нив не успеала да биде регистрирана во Бугарија поради политика на негирање на македонскиот етнички идентитет. Со оваа одлука, Комитетот практично испрати порака дека здруженија кои мирно промовираат толеранција и соживот меѓу различни етнички групи мора да бидат заштитени, дури и кога нивните ставови не се совпаѓаат со позициите на властите или на мнозинството.