One Stop со Албанија пред лето: Кафасан и Блато во план

Заедничкиот граничен систем „One Stop“ меѓу Северна Македонија и Албанија повторно се враќа на агендата, овојпат со јасна најава дека треба да почне да се применува пред стартот на летната сезона. Темата била отворена на средба во Скопје меѓу министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и албанската министерка Албана Кочиу, по која двете страни најавиле дека оперативните тимови ќе ја интензивираат работата за системот конечно да профункционира во пракса.

Тошковски изјави дека целта е моделот „едно застанување – една контрола“ да го скрати чекањето и да го забрза движењето на граѓаните и возилата, посочувајќи дека само во 2025 година низ граничните премини меѓу двете земји поминале околу пет милиони граѓани и 1,8 милиони возила. Според најавите, „One Stop“ би се применувал на два премини – Ќафасан, како клучна точка на Коридорот 8, и „Блато“, што го поврзува Дебар со Пешкопеја и е важен за трасата позната како „Патот на Арбр“.

Паралелно, постигнат бил принципиелен договор малиот граничен премин Џепиште–Требиште да премине на режим 24/7, наместо сегашното сезонско работно време. Во истите најави, пак, не се спомнува промена на статусот на сезонскиот премин Свети Наум–Тешумиште, кој ги поврзува Охрид и Поградец и работи само во пролетно-летниот период.

Кочиу ја нагласила политичката и економската тежина на унифицираниот царински и граничен систем, со порака дека олеснувањето на процедурите за граѓаните и бизнисите е „практично“ и директно поврзано со трговијата и услугите. Таа најавила и идеја контактната точка да се трансформира во вистински Центар за полициска и царинска соработка со постојана координација 24/7, како механизам за намалување на бирократијата и времето на чекање.

„One Stop“ не е нов концепт за овој коридор: системот беше промовиран и пуштен како модел на Ќафасан–Ќаф’Тане во 2023 година, со порака дека се забрзува протокот на луѓе и стоки, но практичните ефекти во шпицот на сезоната не ги елиминираа долгите колони, што ја држеше темата отворена и во следните години.

Зачлени се на нашиот е-билтен