Операцијата за апсење на Мадуро ја спровела елитната американска единица „Делта Форс“

Американски официјални лица потврдија за Си-Би-Ес њуз дека операцијата за извлекување на Николас Мадуро ја извршиле припадници на Делта Форс (1-ви оперативен одред на специјалните сили – Делта), најелитната единица за специјални сили на американската армија.

Извори велат дека станува збор за хируршки прецизна операција. Делта Форс е истата единица што беше одговорна за мисијата во 2019 година во која беше убиен поранешниот лидер на Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади . Вклученоста на единицата потврдува дека операцијата била планирана на највисоките нивоа на Пентагон.

Од друга страна, реакцијата од Каракас е збунувачка. Министерот за одбрана на Венецуела, Владимир Падрино Лопез , објави видео на социјалните мрежи во кое најави распоредување на воени сили низ целата земја.

Она што им го привлече вниманието на аналитичарите е тоа што Падрино Лопез тврди дека војската е распоредена „по наредба на Мадуро“ , без да ги спомене извештаите дека претседателот веќе е заробен и изнесен од земјата.

Министерот го нарече нападот на САД „најлошата агресија досега“ против Венецуела и повика на обединет фронт на отпор.

„Нè нападнаа, но нема да нè покорат“, рече Падрино Лопез.

Во своето обраќање, тој предупреди на опасноста од анархија и неред, апелирајќи до граѓаните да останат смирени. „Не смееме да подлегнеме на паниката што непријателот сака да ја внесе“, заклучи министерот, додека воени возила излегоа на улиците на венецуелските градови.

Останува нејасно дали военото раководство на Венецуела се обидува да ја сокрие вистината од своите војници за да спречи деморализација или дали американските тврдења за апсењето сè уште не стигнале до сите нивоа на команда во Каракас.

Зачлени се на нашиот е-билтен