Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Операта „Набуко“ денеска во Софија, на 21 септември во Скопје


Националната опера и балет, в петок, на 13 септември ќе гостува во Софиската национална опера и балет со операта „Набуко“ од Џузепе Верди. Изведбата во Скопје е закажана за 21 септември на сцената на Националната опера и балет, со почеток во 20 часот.

Гостувањето во Софија е дел од договорот за соработка потпишан во ноември 2023 година меѓу тогашниот директор на Националната опера и балет, Васко Ристов, и директорот на Софиската опера и балет, Академик Маестро Пламен Карталов.

Диригент е Бисера Чадловска, а режисер е Италијанецот Ренато Бонајуто. Сценографијата е дело на Флавио Арбети, костимографијата на Артемио Кабаси, а кореографијата ја потпишува Маја Митревска Богоевска. Тимот е дополнет со асистенти и мајстори, меѓу кои Катерина Стојковска, Јасмина Ѓорѓеска и Јане Бакевски.


Насловната улога ќе ја толкува Марјан Јованоски, во улогата на Абигаиле ќе настапи Злата Тошевска Димовска, Николина Јаневска ќе ја игра Фенена, Зоран Сотиров ќе настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие ќе настапи Игор Дурловски. Во останатите улоги ќе настапат Диме Петров, Катерина Стојановска, Дејан Стоев, хорот, оркестарот, балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и ученици при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ .

„Набуко“е лирско-драматична опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди и е омилено кај публиката. Својата праизведба оваа опера ја имала во 1842 година во Миланска Скала. Тоа е третата опера на Верди за која што се смета дека трајно ја воспоставила неговата репутација како композитор.

Темата на операта е тешката историја на еврејскиот народ, нападнати и поразени, протерани од својата татковина, иако историските настани се користат само како позадина на романтичниот и политички заплет. Верди во една ноќ ја напишал надалеку познатата хорска арија која станала драматуршки и музички столб на делото „Va, pensiero, sull’ali dorate“ („Летај на златести крилја”).

Најново