Општина Центар го отвори електронскиот Анкетен прашалник за креирање на Буџетот за 2026 година

Општина Центар стави на располагање електронски Анкетен прашалник преку кој граѓаните директно може да се вклучат во процесот на креирање на Буџетот за 2026 година. Градоначалникот Горан Герасимовски ги повикува жителите активно да ги доставуваат своите предлози и да укажат на потребите во своите маала.

„Ги повикувам сите граѓани да ја искористат алатката Анкетен прашалник и сериозно да се вклучат во креирање на буџетот за следната 2026 година. Вие сте најголемиот коректор и вашите барања се најзначајни. Јас сум овде да ги проследам сите ваши предлози, а заедно со секторите да ги оцениме приоритетните кои веднаш ќе влезат во програмите”, изјави градоначалникот Герасимовски.

Преку електронскиот прашалник, граѓаните може да предлагаат проекти од различни области: образование, социјална, детска и здравствена заштита, култура, спорт и рекреација, локален економски развој, урбано планирање, комунални дејности, животна средина, јавни работи, како и реконструкција и санација на училиштата.

Со ова, Општина Центар овозможува вистинско и директно учество на граѓаните во подготовката на програмите за работа и во дефинирањето на приоритетите во буџетот за 2026 година, велат оттаму.

Анкетниот прашалник е достапен на следниот линк

Општина Центар ги повикува сите жители подеднакво да учествуваат и да го дадат својот придонес во креирањето на локалните политики.

Зачлени се на нашиот е-билтен