Орбан глуми политичко лудило: „Не е јасно кој кого нападнал“

Од Брисел, по состанокот на Европскиот совет, унгарскиот премиер Виктор Орбан изговори реченица што во 2025 година звучи како намерно бришење на фактите: дека „не е јасно кој кого нападнал“ во војната меѓу Русија и Украина. Изјавата доаѓа во момент кога лидерите на ЕУ договараа финансиски пакет за Киев – заем од 90 милијарди евра за следните две години – и токму тој контекст ја прави пораката уште поцинична: Орбан не ја проблематизираше само цената на помошта, туку ја доведе во прашање и основната премиса на европската политика, дека Украина е жртва на руската агресија.

Орбан говореше во свој стил на провокативна „контра-реалност“. Според пренесените наводи, тој ги опиша европските лидери како луѓе што мирно пијат утринско кафе, верувајќи дека помагаат „мала земја што е нападната“, па додаде дека таа „и не е толку мала“, а потоа дојде реченицата што предизвика лавина реакции: „не е јасно кој кого нападнал“. Паралелно, повтори дека идејата за користење на замрзнатите руски средства би значела „објава на војна“ кон Русија, а надежта дека Западот ќе ја финансира војната „без да потроши денар“ и потоа ќе наплати од Москва преку репарации – ја нарече измама.

Изјавата се вклопува во пошироката европска расправа околу тоа како да се обезбеди стабилно финансирање за Украина во 2026 и 2027 година, без секој нов пакет да стане заложник на политички уцени и внатрешни стравови. ЕУ на крајот договори 90 милијарди евра заем, но без да ја затвори правната и политичката расправија за директно користење на замрзнатите руски средства. Белгија, која преку Euroclear држи најголем дел од тие средства, инсистираше на заштитни механизми и гаранции поради можни тужби и одмазднички потези од Москва. Компромисот ја одложи најжешката точка – директното „чепкање“ на руските пари – но остави отворена можност тие средства да се користат во иднина за отплата на заемот, доколку Русија одбие да плати репарации.

Во таква атмосфера, Орбановата реченица не е случаен лапсус, туку политички сигнал. Кога ќе кажете дека „не е јасно кој кого нападнал“, вие не расправате за буџет, туку ја поткопувате моралната и правната рамка врз која ЕУ ја гради поддршката за Украина и санкцискиот режим кон Русија. Прашањето, затоа, не е само дали Орбан сака да ја намали унгарската финансиска изложеност, туку дали намерно ја релативизира војната за да ја нормализира позицијата на Москва, да ја разниша европската кохезија и да ја држи Брисел во постојана дефанзива.

Реакциите од Украина беа брзи и остри. Украинските власти потсетија дека руската инвазија и хронологијата на настаните не се „сива зона“, туку документирирана реалност, а шефот на украинската дипломатија јавно возврати дека „нејасноста“ на Орбан е од ист ранг со историските „нејасности“ што Европа скапо ги плаќала во минатото. Токму ваквите одговори ја разоткриваат суштината на проблемот: не станува збор за уште една кавга меѓу членка на ЕУ и Киев, туку за судир меѓу факти и политичка реторика што се обидува фактите да ги претвори во предмет на вкус.

Орбан со години игра на линијата меѓу членството во ЕУ и стратегијата на постојано одвојување од заедничките позиции кога станува збор за Русија. Но оваа изјава оди чекор понатаму: ако војната може да се претстави како „нејасно кој кого“, тогаш и санкциите може да се претстават како „претерување“, и заемите како „нечесен товар“, и солидарноста како „наивност“. А кога таква логика доаѓа од лидер што седи на маса каде се носат европските одлуки, ефектот не се мери само во насловите, туку и во довербата: колку ЕУ може да се потпре на сопствените членки кога станува збор за најголемата безбедносна криза на континентот.

Зачлени се на нашиот е-билтен