На неформалниот Европски совет во Копенхаген, унгарскиот премиер Виктор Орбан јавно го означи како „мртов“ предлогот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, техничките чекори во проширувањето да се одобруваат со квалификувано мнозинство наместо со едногласност. Со тоа, Брисел остана без итен механизам за да ја заобиколи блокадата за Украина и другите кандидати – последица што индиректно ја чувствуваме и ние. Клучната порака од Копенхаген: правото на вето останува живо и политички корисно за оние што сакаат да закочат проширувања.
Македонскиот прозорец? Скратен. Иако иницијативи за „модели што предвидуваат квалификувано мнозинство за отворање/затворање кластери и други оперативни чекори – отпорот на Будимпешта (и не само таму) го врати часовникот на статус-кво. „Орбан го урна европскиот консензус против ветото“ јавуваат регионалните медиуми, со амблематска поента: Македонија останува во процес каде една членка може да ја држи како заложник, а Софија – со сопствени билатерални условувања – добива силен сојузник во Унгарија во самата логика на правилата.
Што точно пропадна? Т.н. „план на Кошта“ – префрлање дел од одлуките од едногласност на квалификувано мнозинство, за да се намалат десетиците можни точки на вето во патеката на преговори. Таквата промена би значела: 55% од државите кои претставуваат најмалку 65% од населението одлучуваат „за“, наместо секоја земја да има ефективно право на стоп. Но, за да се смени правилото – пак е потребна едногласност. Будимпешта јасно кажа „не“.
За Скопје ова има две приземни импликации. Прво, без разлика колку европски партнери сакаат да ги „деполитизираат“ техничките чекори, последната реченица ја пишува едногласноста – таму каде што Софија и натаму може да го врзува напредокот со свои барања. Второ, темпото ни зависи уште повеќе од домашното извршување: усогласување со европското право, кредибилни реформи и менаџирање на чувствителните прашања со Бугарија во рамката што постои, не во онаа што би ја посакувале. Тоа е непријатната реалност по Копенхаген.