Орбан и Вучиќ пробуваат да ја смират Србија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во Суботица испрати јасна порака до Белград: „Ако Унгарија има нафта, ќе има и Србија“. Пораката дојде во момент кога Србија е под силен притисок поради проблемите со снабдувањето со нафта и санкциите кон руските енергетски компании, а Будимпешта и официјален Белград демонстрираат сè потесно енергетско и политичко сојузништво.

Орбан и српскиот претседател Александар Вучиќ говореа пред новинарите во Суботица, каде што добија признанија од Фондацијата „Иштван Пастор“ за унапредување на односите меѓу двете земји. Унгарскиот премиер потсети дека неговата земја целосно зависи од увоз на нафта и гас, но нагласи дека резервите со кои располага или ќе располага ќе ги сподели со Србија. Според него, Белград секогаш може да смета на помош од Будимпешта, а токму енергетската стабилност и „мирот во регионот“ биле главни теми на нивниот работен ручек.

Со изјавата „Ако Унгарија има нафта, ќе има и Србија“, Орбан фактички позиционира еден вид енергетски чадор над Белград – порака на солидарност, но и сигнал дека енергетската зависност е алатка за политичко влијание. Унгарија, како членка на ЕУ, се наоѓа во специфична позиција: формално е дел од европските политики за санкции, но истовремено гради паралелни канали за снабдување со руски енергенси, од кои директна корист има и Србија.

За Вучиќ, ова партнерство значи можност да покаже дека и во услови на изолација и притисоци има „пријатели“ кои ќе му помогнат да ја задржи стабилноста на цените на горивата и да избегне внатрешен социјален удар. За Орбан, пак, Србија е важен регионален сојузник преку кој може да демонстрира алтернатива на доминантната линија на Брисел и да ја зацврсти својата улога како мост меѓу ЕУ и Русија.

Зачлени се на нашиот е-билтен