Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска на средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Кремљ изјави дека неговата земја ќе продолжи да купува нафта и гас од Русија, додека Путин го поздрави „избалансираниот став“ на Унгарија за Украина.
Орбан во Европската унија се противи на санкциите кон Русија и ја критикува поддршката на ЕУ за Киев.
Односите меѓу Русија и Унгарија се развиваат „и покрај сите тешкотии на денешнината“, изјави Путин, пренесе руската агенција ТАСС.
Путин му се заблагодари на Орбан за подготвеноста да биде домаќин на руско-американските разговори во Будимпешта за решавање на украинската криза и рече дека со задоволство би ја прифатил понудата доколку се постигне договор за самит. Унгарскиот премиер ја потврди оваа подготвеност.
Рускиот претседател посочи дека падот на трговијата меѓу Русија и Унгарија е последица на надворешните ограничувања, но дека годинава сепак има „одреден раст – мал, скромен, но сепак повеќе од седум проценти“.
Тој додаде дека соработката меѓу двете земји во енергетиката е прилично обемна, но дека „и таму постојат прашања и проблеми“ кои бараат дискусија.
Орбан утринава изјави дека во Москва со Путин ќе разговара главно за енергенси.
„Одлучив да заминам за да обезбедам енергетско снабдување на Унгарија за зимава и за наредната година по прифатлива цена“, рече Орбан во видео објавено на Фејсбук пред заминување за Москва.
Тој потсети дека на почетокот на ноември бил во САД, каде што од американскиот претседател Доналд Трамп добил едногодишно изземање од американските санкции за руската нафта.

