Орце Ѓорѓиевски се фати за работа, па ги смени директорите со нови

„Улици и патишта“, „Водовод и канализација“, ЈСП „Скопје“ и „Комунална хигиена“ наскоро со нов раководен кадар

Права конкретна работа на новиот скопски градоначалник Орце Ѓорѓиевски е смената на директорите на четири јавни претпријатија. Тој во емисија на Канал 5 тв потври и ги соопшти новите вршители на должноста директори во четири јавни претпријатија: „Улици и патишта“, „Водовод и канализација“, ЈСП „Скопје“ и „Комунална хигиена“.

На чело на „Улици и патишта“ се враќа Борис Настов, кој ја извршуваше истата функција во почетокот на мандатот на поранешната градоначалничка Данела Арсовска. Ѓорѓиевски рече дека Настов моментално е заменик-директор во ЈП за државни патишта и го оцени како „човек што најдобро ја разбира проблематиката“.

За „Водовод и канализација“, нов в.д. директор ќе биде Иван Митровски, поранешен заменик-градоначалник на Кисела Вода и кадар со искуство во банкарскиот сектор.

Во „Комунална хигиена“, на местото директор е назначен Драги (без наведено презиме), лице со долгогодишно искуство во комуналниот сектор на Град Скопје. Ѓорѓиевски посочи дека токму тој се покажал „исклучително добро“ во последната акција за чистење на градот, додавајќи дека не е партиски експониран кадар.

Во ЈСП „Скопје“, пак, функцијата в.д. директор ја презема Саше (без наведено презиме), долготраен вработен во претпријатието со богато искуство во јавниот превоз, објавува Канал 5 Тв.

„Некои од нив, за своето назначување, ќе дознаат токму преку оваа емисија,“ рече Ѓорѓиевски, додавајќи дека очекува да бидат „добри соработници во процесот на обновување на градот“.

На новинарско прашање дали ќе го врати поранешниот директор на Зоолошката градина, Ѓорѓи Галетановски, градоначалникот одговори дека тој моментално е советник во Советот на Град Скопје, но дека ќе може да помогне со совети и идеи.

„Ќе дадам сè од себе одлуките во Советот да се носат со поддршка од сите советнички групи. Ќе соработувам со сите избрани од граѓаните,“ изјави Ѓорѓиевски.

Потврди дека Мишко Ралев, заедно со Огнен Марина, Горан Мијовски, Славе Трпевски и Аљоша Шопар, ќе биде дел од урбанистичкиот тим што ќе работи на нови планови и политики за градот.

Ѓорѓиевски ги отфрли како шпекулациите дека ќе ги приватизира јавните претпријатија, нагласувајќи дека приоритет му е нивно јакнење и финансиска самоодржливост.

„Сметките за граѓаните нема да се зголемат. Така сум ветил во кампањата,“ порача градоначалникот. објави Скопје1.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен