Капсулата „Орион“ со четворицата астронаути од мисијата „Артемис II“ треба да се врати на Земјата во ноќта кон сабота, при што спуштањето во Тихиот Океан е планирано за 11 април во 2:07 часот по македонско време, односно 10 април во 20:07 по источноамериканско време. Станува збор за завршницата на 10-дневната мисија околу Месечината и за првото човечко патување до нејзината околина по повеќе од половина век.
Иако мисијата веќе се смета за историска, токму враќањето низ атмосферата се гледа како најчувствителниот дел. Капсулата треба да влезе во атмосферата со брзина од околу 38.367 километри на час, а аголот на влез мора да биде погоден речиси прецизно во еден степен за спуштањето да помине според планот. НАСА и официјално посочува дека лансирањето и повторниот влез во атмосферата се двата најголеми ризици на ваквите мисии.
Во последните минути пред приводнувањето се очекува и неколкуминутен прекин на комуникацијата, кога околу капсулата се создава плазмен слој поради екстремната топлина. Потоа треба да се исфрли заштитниот поклопец, да се отворат прво помошните, а потоа и главните падобрани, по што „Орион“ треба да се спушти во Пацификот кај брегот на Сан Диего. Во рок од два часа по приводнувањето е предвидено астронаутите да бидат извлечени и пренесени на американскиот брод „USS John P. Murtha“.
Дополнителна причина зошто вниманието е насочено кон ова враќање е и топлинскиот штит на капсулата. По беспилотната мисија „Артемис I“ имаше загриженост поради оштетувања на штитот, па за оваа мисија НАСА не го замени целосно, туку ја прилагоди траекторијата на спуштање за да се намали топлинското оптоварување. Токму затоа, последната фаза сега не е само враќање дома, туку и клучен тест за идните лунарни мисии.
Ако приводнувањето мине според планот, „Артемис II“ ќе ја затвори најважната проба пред следните чекори во американската програма за враќање на човекот на Месечината. Мисијата веќе влезе во историјата и по тоа што екипажот за време на летот зад Месечината достигна рекордно растојание од Земјата за човечка екипа.