Ормускиот теснец стана новата енергетска закана за Европа

Ормускиот теснец повторно се претвора во една од најчувствителните точки на светската економија, а за Европа тоа не е далечна геополитичка драма, туку директен ризик за цените, индустријата и снабдувањето. Според анализата на експерти која ја пласираше Еуроњуз, низ овој морски премин поминува околу една петтина од глобалниот нафтен сообраќај, а неговото фактичко затворање по ескалацијата на војната со Иран веќе ги турка цените нагоре и отвора простор за нов енергетски шок на континентот.

За Европската Унија заканата е уште посериозна затоа што блокот сè уште не се опоравил целосно од прекинот на енергетската зависност од Русија. Ако Ормускиот теснец остане небезбеден или затворен, ударот нема да се почувствува само на бензинските пумпи, туку и во производството, транспортот и трошоците за домаќинствата. Во анализата се наведува дека цената на нафтата веќе се искачила над 100 долари за барел, а предупредувањата се дека при подолга и поширока криза може да порасне и до 150 или 200 долари.

Проблемот не застанува само кај енергијата. Низ истиот теснец минуваат и околу 13 проценти од глобалниот извоз на ѓубрива, што значи дека секоја подолга блокада не носи само поскапа струја и гориво, туку и закана за земјоделството и производството на храна. Кога ќе поскапат или ќе недостигаат ѓубрива, последицата доаѓа со задоцнување, но е подеднакво тешка: помало производство и поскапа храна во следната сезона.

Токму затоа во Брисел веќе се отвора прашањето дали европската поморска мисија „Аспидес“ треба да добие поширок мандат и во Ормускиот теснец. Но, иако постои свест дека слободната пловидба мора да се заштити, нема целосна согласност меѓу членките за подлабоко влегување во нова безбедносна операција. Дел од европските држави стравуваат дека секое проширување на мисијата може дополнително да го вовлече континентот во уште поопасна фаза од блискоисточната криза.

Во вакви услови Ормускиот теснец повеќе не е само далечен тесен морски премин на картата. Тој станува мерка за тоа колку Европа навистина останала ранлива и по руската енергетска лекција. Колку и да зборува за диверзификација, секоја нова блокада на стратешките рути покажува дека европската економија и натаму зависи од безбедноста на туѓи мориња, туѓи конфликти и туѓи одлуки.

Зачлени се на нашиот е-билтен