Ормутскиот теснец повторно е во центарот на глобалната енергетска неизвесност, откако два индиски танкери со течен нафтен гас минаа низ теснецот, но најголемиот дел од бродскиот сообраќај и натаму остана блокиран. Бродовите „Pine Gas“ и „Jag Vasant“, натоварени во Обединетите Арапски Емирати и Кувајт, се упатија кон Индија со повеќе од 92.000 тони ТНГ, во момент кога војната и заканите за нови напади ја држат една од најважните светски поморски артерии во состојба на постојан ризик.
Според Ројтерс, нивното минување не значи дека кризата слабее. Напротив, бродскиот сообраќај низ Ормутскиот теснец е намален за околу 95 проценти во споредба со нивото пред избувнувањето на конфликтот на 28 февруари. Стотици бродови остануваат закотвени во и надвор од Заливот, а околу 20.000 морнари сè уште се заглавени во регионот. Во исто време, британската поморска безбедносна група „Амбри“ предупреди дека Иран и натаму има капацитет сериозно да го загрози секој брод што минува низ теснецот.
За Индија, кризата веќе не е само геополитичка тема, туку директен удар врз снабдувањето. Земјата, која околу 60 проценти од потребите за гас ги покрива со увоз, а приближно 90 проценти од тие количества доаѓаат од Блискиот Исток, се соочува со најтешка гасна криза во последните децении. Индиските власти затоа почнаа да натоваруваат течен нафтен гас и на празни пловила што останале заглавени во Персискиот Залив, додека пет танкери со околу 230.000 метрички тони ТНГ сè уште се наоѓаат во самиот Ормутски теснец.
Токму затоа сегашната слика од Ормутскиот теснец е двосмислена: неколку танкери успеваат да минат, но нормален поморски сообраќај сè уште нема. Додека Обединетите нации работат на идеја за безбеден поморски коридор, а Иран испраќа противречни сигнали за тоа кому би му дозволил премин, светскиот енергетски пазар останува заложник на теснец низ кој и понатаму поминува судбината на милиони барели нафта, гас и клучни стоки.