Ормутскиот теснец повторно е во срцето на кризата, откако американската поморска блокада на Иран стапи во сила во понеделникот, како дел од притисокот на администрацијата на Доналд Трамп Техеран да ги прифати американските услови за крај на војната. Иранските вооружени сили ја нарекоа блокадата „незаконски чин“ и „пиратерија“, а најсилниот удар, сега се очекува врз извозот на нафта и врз пошироката трговија на земјата.
Во изминатиот месец Иран, и покрај ограничувањата во теснецот за други бродови, успеал да го задржи, па дури и да го зголеми сопствениот извоз. Ал Џезира наведува дека низ Ормутски теснец минуваат околу 80 отсто од иранските нафтени испораки, а од 15 март до 14 април земјата извезла 55,22 милиони барели. Со цена од најмалку 90 долари за барел, тоа значи речиси пет милијарди долари приход за еден месец, или околу 40 отсто повеќе отколку пред почетокот на војната. Токму затоа блокадата сега директно ја погодува најважната девизна артерија на иранската економија.
Ударот не застанува само на енергетиката. Преку иранските пристаништа се движат и петрохемиски производи, пластика и земјоделски стоки, додека во обратна насока влегуваат машини, електроника и храна. Аналитичарите предупредуваат дека подолг прекин може да значи пад на приходите, недостиг од стоки и дополнителен притисок врз економија што веќе со години живее под санкции.
Техеран има ограничени алтернативи. Железничката врска со Кина, развивана преку Централна Азија, може да помогне за дел од трговијата, но не нуди реална замена за транспорт на сурова нафта. Во анализата се посочува и дека речиси целата иранска нафта што е веќе на море е наменета за Кина, што ја прави Пекинг клучен фактор во тоа дали блокадата ќе се одржи или ќе се претвори во уште поопасна ескалација.