Ормутскиот Теснец не е затворен, но секој премин сега зависи од Иран

Иран

Ормутскиот Теснец не е формално затворен, но транзитот низ една од најважните светски поморски артерии веќе не зависи од нормален комерцијален ритам, туку од војната, од стравот и од иранската контрола врз преминот. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека „единственото нешто“ што го спречува нормалниот транзит се иранските напади врз бродови, додавајќи дека засега нема јасни докази дека Техеран поставил мини во теснецот. Но таа формулација повеќе звучи како политичка порака отколку како опис на нормализирана состојба, затоа што и без формално затворање, пловидбата останува сериозно нарушена.

Реалната слика на терен покажува подлабок проблем. Ројтерс објави дека американската морнарица им соопштила на бродските компании оти засега не може да обезбеди воени придружби низ теснецот, бидејќи ризикот од напади е преголем. Во исто време, трговскиот сообраќај речиси запре, а бројот на танкери што минуваат низ Ормутскиот Теснец драматично падна откако на 28 февруари почна ескалацијата. Дополнителен товар врз пловидбата се и нападите врз цивилни бродови: според Ројтерс, најмалку 16 пловила биле погодени од почетокот на борбите, што го претвора теснецот од трговски коридор во зона на висок безбедносен ризик.

Во меѓувреме, Техеран јасно става до знаење дека без него нема слободен премин. Иранското Министерство за надворешни работи порача дека бродовите мора да се координираат со иранската морнарица за да минат низ теснецот, а турскиот министер за транспорт соопшти дека само еден од 15 турски бродови во областа добил дозвола да помине. Тоа значи дека Ормутскиот Теснец можеби не е затворен со катанец, но веќе функционира како теснец под услови што ги диктира Иран. Во ваква поставеност, секоја изјава дека преминот е „отворен“ звучи точно само на хартија.

Зачлени се на нашиот е-билтен