Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Оскари 2023: „Everything Everywhere All at Once“ со блескава победа на престижните филмски награди

Драмедијата „Everything Everywhere All at Once“ е апсолутен победник на годинашното 95. издание на свеченото доделување на филмските награди Оскари, со кои Академијата за филмски уметности и науки ги награди најзаслужните имиња во филмската индустрија за изминатата година.

Приказната за кинеската иселеничка, која е затекната во луда авантура, каде таа сама може да го спаси светот преку истражување на други универзуми, беше номинирана за најголем број златни статуетки, дури 11, а успеа да победи во седум категории – најдобар филм, најдобра режија, најдобра актерка во главна улога, најдобар актер во споредна улога, најдобра актерка во споредна улога, најдобро оригинално сценарио и најдобра монтажа.

Актерката Мишел Јео испиша историја и стана првата актерка со потекло од Азија која ја освои престижната филмска награда.

„Ова е за сите малечки момчиња и девојчиња кои ме гледаат вечерва – ова е парче надеж дека е возможно. Дами, не дозволувајте да ви велат дека сте ги поминале вашите најдобри години“, изјави Јео откако ја прими статуетката за најдобра актерка во главна улога во филмот „Everything Everywhere All at Once“.

Мишел Јео / Фото: EPA-EFE/CAROLINE BREHMAN

Ке Хуј Куан беше прогласен за најдобар актер во споредна улога и стана првиот актер со потекло од Виетнам кој освои Оскар.

„Мамо, јас освоив Оскар! Велат дека вакви работи се случуваат само во филмовите, не ми се верува дека ми се случи на мене“, изјави тој.

Ке Хуј Куан / Фото: EPA-EFE/CAROLINE BREHMAN

Исто така, ова е првпат во историјата на Оскарите повеќе азиски актери да освојат статуетки во иста вечер.

Легендарната Џејми Ли Кертис ја освои нејзината прва златна статуетка во нејзината долгогодишна актерска кариера во Холивуд и беше прогласена за најдобра актерка во споредна улога.

„Знам дека дека изгледа како да стојам сама пред вас, но јас во себе носам стотици луѓе“, изјави таа, пред да им оддаде почит на нејзините колеги од филмот „Everything Everywhere All at Once“, но и на нејзините блиски луѓе.

Мишел Јео и Џејми Ли Кертис / Фото: EPA-EFE/CAROLINE BREHMAN EPA-EFE/CAROLINE BREHMAN

„Everything Everywhere All at Once“ доби Оскар и за најдобар филм, а Даниел Кван и Даниел Шајнерт е трето режисерко дуо кое има освоено Оскар за најдобра режија во историјата на наградите. Тие им ја посветија оваа награда на нивните мајки.

Наградата за најдобар актер во отиде во рацете на Брендан Фрејзер, за неговата главна улога во филмот „The Whale“, победувајќи ги Остин Батлер, Колин Фарел, Пол Мескал и Бил Наји. Овој филм, исто така, ја освои наградата за најдобра шминка и фризура.

Брендан Фрејзер / Фото: EPA-EFE/CAROLINE BREHMAN

Воената драма „All Quiet on the Western Front“, која е филмска адаптација на истоимениот роман на Ерих Марија Ремарк од 1929 година, победи во четири категории – најдобар интернационален филм, најдобра музика, најдобра сценографија и најдобра кинематографија.

Меѓу другите победници се најдоа и „Guillermo del Toro’s Pinocchio“ за најдобар анимиран филм и „Navalny“ за најдобар документарец.

Џими Кимел / Фото: EPA-EFE/ETIENNE LAURENT

Водител на свечената церемонија беше комичарот Џими Кимел, кој преку своите шеги ја потенцираше потребата од елиминирање на родовата и расната дискриминација на Оскарите.

„Зошто Академијата не го номинираше мажот кој го режисираше ‘Avatar’? Што мислат тие, кој е тој? Жена?“, рече Кимел.

Исто така, тој не ја пропушти приликата да се пошегува за минатогодишниот скандал со Вил Смит и Крис Рок.

„Ако некој во овој театар изврши чин на насилство, во кој било момент за време на овој настан, ќе му биде доделен Оскар за најдобар актер и ќе му биде дозволено да одржи 19-минутен говор“, се пошегува Кимел.

https://youtube.com/watch?v=GoM-64EkchU%3Ffeature%3Doembed

Целосната листа со победниците на годинашните Оскари може да ја прочитате тука.

Текстот е преземен од Слободен печат

Зачлени се на нашиот е-билтен