Во најновата објава, Бујар Османи тврди дека изборот на ВЛЕН за албански партнер во Владата е дел од подолгорочна стратегија на премиерот Христијан Мицкоски – да се одржи „слаб и контролиран албански фактор“ што, како што вели, нема да се спротивстави на „скршнување од европскиот пат и ориентација кон српскиот свет“.
Османи оценува дека само „уценет и слаб партнер“ би молчел пред ваков курс и дека отстранувањето на ДУИ било предуслов за политичка трансформација која се оддалечува од Охридскиот договор и европските вредности. Тој ја оспорува и искреноста на антикорупциската реторика на Мицкоски, наведувајќи дека атаките врз ДУИ служеле како алиби за политички инженеринг – создавање мнозинство со албански партнер без реална моќ.
Во тој контекст, Османи ја става под лупа улогата на ВЛЕН, обвинувајќи ја за молк кон процеси што, според него, се движат од ревидирање на Охридскиот договор до релативизирање на бадентеровото мнозинство.
Според поранешниот шеф на дипломатијата, албанскиот политички фактор бил „последната линија на одбрана“ на демократските принципи и геостратешката ориентација на државата. Тој повикува на обединување, не само партиско туку и идентитетско, со порака дека следните избори ќе се решаваат околу прашања што го надминуваат партиското натпреварување: интеграциите, стабилноста на мултиетничкиот модел и јасниот државен курс.
Клучната дилема, вели Османи, е дали тишината на ВЛЕН е знак на рационално партнерство или потврда дека за тивка политичка промена е потребен тивок коалициски партнер. Дали јавноста – особено албанската – ќе го препознае овој наратив како реална слика или како реторичка одбрана на поранешната моќ, ќе се види на избори; до тогаш, тензичниот распоред на силите останува отворено прашање.