Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека нема никакви индиции дека шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен нема да дојде на Министерскиот совет на ОБСЕ што при крајот на месецов ќе се одржи во Скопје, а почната е и процедурата за доаѓање на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, чија земја подлежи на санкции од ЕУ по војната со Украина.
– Во санкциите се вели дека за меѓународни организации како што е ОБСЕ е дозволен прелет. Сепак, одлуката е на земјите членки. Затоа нашите соседи ќе треба да одлучат, а и ние за нашиот воздушен простор, рече вечерва Османи во емисијата „360“, прашан за доаѓањето на шефот на руската дипломатија Лавров.
Прашан дали е можно доколку дојде Лавров, да не присуствува украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, шефот на македонската дипломатија и актуелен претседавач со ОБСЕ се надева дека тоа нема да се случи.
– Затоа пред две – три недели отидов во Киев, да обезбедам присуство и на Кулеба. Се уште сме во разговори. Јас мислам дека како што во Виена имаме состанок секој вторник, така треба да биде и во Скопје, рече Османи.
Додаде дека според информациите што ги има, на состанокот во Скопје се очекува да дојдат и министрите за надворешни работи на Канада, Велика Британија, на земји членки на НАТО, ЕУ, како и централна Азија. Според Османи, ќе дојде и заменик-министерот на Тајланд кој ќе биде прв официјален претставник од оваа земја што дошол во Северна Македонија од независноста.
На Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје се очекува присуство на 76 делегации од кои 57 се од земјите членки на ОБСЕ и 11 од партнерските земји од медитеранската и азиската група. Букирани се пет хотели каде треба да се сместат овие делегации. Самитот, ќе почне со неформална вечера, која како што рече Османи, ќе се одржи на 29. овој месец.
Според Османи, подготовките се одвиваат согласно зацртаната динамика и се работи согласно т.н. Водич на ОБСЕ во кој се утврдени и најситните детали за организирање на вакви настани.