Османи: Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ одигра клучна улога на меѓународната политичка сцена

Северна Македонија влегува во финалето на Претседавањето со ОБСЕ во 2023 година. Покрај во изминатата година, земјата интензивно се подготвуваше за Претседавањето и во претходната година и пол, период во кој беа вложени големи напори да бидеме на висината на задачата. „За луѓето се работи“ беше мото и поттик за нашата работа во текот на Претседавањето со ОБСЕ, вели во видео пораката шефот на дипломатијата и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи.

-Се поставивме како Претседателство фокусирано на луѓето, затоа што во свет во превирања, потребите и барањата на луѓето секогаш се на прво место. Нивната безбедност секогаш треба да биде во центарот на напорите на сите политички лидери. Пристапот на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ беше повеќеслоен и фокусиран на: јасна посветеност кон луѓето од Украина и другите региони погодени од конфликти и поддршка на засегнатото население и на институциите, работата на теренските операции на ОБСЕ и нивна поддршка да продолжат да придонесуваат за подобрување на животот на луѓето и промоција на капацитетите и алатките на ОБСЕ како единствена платформа за дијалог, вели Османи на неполна недела од одржувањето на Минситерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје, соопшти МНР.

Во овие напори, посочува тој, клучни беа, како што вели, остварените 12 посети од негова страна како претседавач на теренските операции на ОБСЕ во Украина, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Молдавија, Грузија, Азербејџан, Ерменија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Казахстан, Узбекистан и во Туркменистан.

-Додека приоритет ѝ беше даден на Украина и на решавањето на последиците од руската воена агресија, ние имавме за цел да ја одржиме доследноста на нашите принципи низ целиот регион на ОБСЕ, со посебен фокус на долготрајните конфликти, зголемените тензии и нивните последици врз луѓето, како и ставање на располагање на алатките на ОБСЕ на оние кои имаат потреба од нив, вели Османи.

Покрај теренските посети, наведува тој, беа одржани и голем број конференции посветени на темите истакнати како приоритети во Програмата на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ за адресирање на анти-семитизмот, економските и климатските предизвици во регионот на ОБСЕ, родова еднаквост, човекови права, младите и нивната иднина и други теми од клучно значење за Организацијата и земјите-учеснички.

За пофокусиран пристап во адресирањето на овие прашања, Османи како претседавач назначи и свои Специјални претставници за млади, граѓанско општество и за климатски промени чија цел, наведува, беше да се интегрираат различни перспективи кои ќе служат како извор на различни пристапи, кои би можеле само да придонесат за добро, одговорно владеење и севкупен општествен напредок за доброто на луѓето…

-Во текот на изминатата година на Претседавање со ОБСЕ, Северна Македонија цврсто ги почитуваше принципите и заложбите на ОБСЕ се со цел како земја да дадеме придонес кон мирот и безбедноста и преку нашето автентично искуство низ децениите да дадеме помош и поддршка на оние на кои им е најпотребно посредување и разбирање во решавањето на нивните проблеми, подвлекува во видео-пораката шефот на дипломатијата и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи.

Северна Македонија на 1 јануари 2023 година од Полска го презеде претседавањето со ОБСЕ -најголемата меѓувладина регионална безбедносна организација која брои 57 земји членки како и 11 земји партнери од Медитеранот и Азија. За следната 2024 година се уште нема консензус меѓу членките кој ќе ја предводи организацијата.

Треба да знаете
Moже да ве интересира