Процесот на донесување на уставните измени треба да заврши во ноември затоа што тогаш завршува и скринингот по што треба да се отвори првото поглавје, а за да се случи прашањето за промена на Уставот до тогаш треба да биде затворено. Скринингот е важен дел од преговорите, но следна фаза е отворањето на првиот кластер по што по автоматизам се организира втората меѓувладина конференција за завршување на отворачката фаза на преговорите, вели во анализата на порталот Рацин.мк министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Шефот на македонската дипломатија истакнува дека овој процес нема алтернатива и дека ако се одложи ќе изгубиме неколку дополнителни месеци, па и неколку години можеби, но бајпасирање на тој процес нема. Независно кој е на власт, вели Османи, независно политичка констелација е во прашање, оваа држава, ова општество за да продолжи на патот на преговорите треба да има уставни измени, велат во анализата претставниците на власта и дел од експертската јавност.
– Северна Македонија не може да го издржи долго товарот на прекинати преговори затоа што никој во регионот не може да најде алтернатива на ЕУ. Сѐ е пробано. Сите форми на соработки, на реформи се испробани и не може да се гарантира стандард на живеење, на демократија, за задржување на младите, без Европска Унија – потенцира министерот Османи.
Министерот за надворешни работи предупредува дека блокирани преговори ќе бидат неиздржлива позиција за било која политичка гарнитура.
– Еве да зборуваме дури и хипотетички за пет или шест години за една друга влада. Тоа значи дека овој процес мора да се заврши. Станува збор за тоа дали ќе се заврши без изгубено време за да се фати овој моментум кога ЕУ веќе почнува проширувањето да го гледа како инструмент за безбедност заради војната во Украина и ние тој моментум ќе го искористиме, или ќе изгубиме уште една таква можност и веројатно после некое време, после изгубени години, прашањата ќе станат уште потешки. Генерации ќе се изгубат, уште за неколку проценти ќе се намали населението во државата, а веројатно ќе има и нова реалност во Европската Унија и не се знае која ќе биде политичката понуда што ќе ни биде дадена тогаш. Ова може да ни е една од последните шанси за да влеземе во ЕУ како еднакви со останатите 27 земји членки, а не во некаква унија „во брзини“, во која што ние би биле некоја „втора“ или „трета“ брзина, бидејќи како што теоретирачите предвидуваат дека во иднина тоа може да се случи – брифираше за Рацин.мк министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Запрашан дали алудира на француската идеја за еден вид посебна политичка заедница приклучена кон ЕУ, Османи појаснува дека засега француската идеја не е замена за ЕУ, туку повеќе е форма за консолидирање на европскиот став визави агресијата на Руската Федерација на Украина, но дека теоретичарите предвидуваат дека Европската Унија во иднина можеби ќе се преструктуира во слоеви во кои земјите што ќе гравитираат во овие нивоа ќе имаат помалку привилегии од сктуелните земји членки.
– Мислам дека ова ни е последна шанса да влеземе во првата група земји членки коишто ги имаат подеднакво сите права, привилегии и обврски како и останатите 27 земји – вели шефот на дипломатијата Османи.