Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на денешната прес-конференција ги претстави своите конкретни спортски проекти, со кои ветува целосна ревитализација на постојната инфраструктура и создавање достапни спортски зони за сите граѓани.
Според програмата што ја презентираше, приоритет ќе има обновата на сите нефункционални спортски сали и терени, кои во последните години биле запуштени или недостапни за јавноста.
„Ќе започнеме со реконструкција на салите ‘Енвер Идризи’ и ‘Васил Главинов’, а потоа следуваат ‘Имри Елези’, ‘Лирија’, ‘Шабан Трстена’ и ‘Партизан’. Овие простори ќе станат повторно активни и достапни за спортистите и граѓаните на Чаир“, изјави Османи, потсетувајќи дека дел од објектите се дел од поголем урбанистички проект со нови училишта, градинки и паркинзи.
Во рамките на спортската програма, Османи најави и изградба на нови отворени спортски терени со осветлување во повеќе училишта и населби. Меѓу нив се фудбалскиот терен во „О.У. Тефејјуз“, кошаркарски простор во „Хасан Приштина“ и комбинирани спортски површини во „Исмаил Ќемали“ во Топанско Поле, како и нови спортски реквизити во урбаните зони и Паркот на Чаир.
Османи нагласи дека општината моментално располага со само четири спортски објекти, од кои ниту еден не е целосно функционален, а два се дадени под концесија на приватни клубови. Токму затоа, проектот за трансформација на спортската сала „Партизан“ во мултифункционален центар „Шабан Сејдиу“ го најави како најголем приоритет.
Дополнително, тој најави дека конечно ќе се реализира долгоочекуваната изградба на спортска сала кај ОУ „Јашар Бег“ во Дуќанџик, проект кој досега неколкупати бил само симболично започнуван пред избори.
Реализацијата на проектите, како што рече Османи, ќе биде финансирана преку министерствата, Владата и европските фондови, а веќе е формиран тим задолжен за аплицирање и координација.
Како дел од визијата за активен и здрав Чаир, Османи најави и стипендии за млади талентирани спортисти, категоризација на спортовите и финансиска поддршка за учество на балкански, европски и светски натпревари.
„Чаир отсекогаш создавала шампиони. Нашата задача е да создадеме услови тие да се развиваат тука, дома“, истакна Османи.