Оставката на Сашко Кедев е скандал што открива скриено сценарио

Повлекувањето на Кедев од Здравствениот совет при Министерството за здравство, наместо да биде третирано како аларм за застој и сериозност во истрагата за наводни непотребни операции, се претвори во политичка детонација. Опозицијата тврди дека станува збор за „тежок и длабоко сомнителен скандал“ кој го разоткрива сценариото во кое се штити приватниот интерес, а се таргетира политичкиот противник.

На прес-конференција, Симона Цветановски ја посочи временската линија како клучна: на 21 јануари, обвинителството оформило предмет „по допрен глас“ за наводите што Жан Митрев ги изнесе во ТВ-интервју, а два дена потоа, на 23 јануари, Кедев доставил известување за повлекување. „Случајно? Ништо не е случајно“, порача таа, со сугестија дека повлекувањето е дел од поширок обид да се заташка истрагата за операциите и да се пренасочи фокусот кон напад врз Филипче.

Во средината на скандалот стои уште потешка институционална контрадикција: документот за повлекувањето е примeн и архивиран во Министерството на 23 јануари, но од Министерството јавно било соопштено дека „до министерот… формално не е пристигната оставка“. Таа разлика меѓу архивски печат и политички одговор не е технички пропуст, туку директен удар врз довербата – ако документот постои во системот, тогаш не е „непристигнат“, туку е игнориран, скриен или политички амортизиран.

Како причина за повлекувањето, Кедев наведува дека започнатите контролни процеси треба да ги спроведуваат „исклучиво компетентни кадри“ со докажан кредибилитет, а неговите забелешки се врзуваат со вториот чекор на проверките во кој требало да се вклучат странски експерти. Во исто време, прелиминарните наоди на домашната комисија, според објавените информации, покажале сериозни сомнежи: од 19 анализирани случаи, во 10 било утврдено непотребно оперирање или непотребно упатување на операции, а имињата на болниците и лекарите биле оставени за подоцна – по вкрстување на наодите со странските експерти.

Опозицијата го чита ова како класичен механизам на заташкување: кога наодите почнуваат да стануваат опасни за приватни центри на моќ, системот се префрла на „процедури“, „следни недели“ и кадровски маневри. Во тој наратив, болната точка е што наместо државата да го заштити јавниот интерес и пациентите, таа станува штит за приватните профити што се напојуваат од државниот фонд.

Во истата линија, СДСМ јавно праша дали премиерот Христијан Мицкоски го користи политичкиот авторитет за да „дели задачи“ на обвинителството и судството, а министерот Азир Алиу да добие време да ја изгаси темата. Токму тука се гледа суштинската опасност: ако истрагата за сомнежи во здравството се претвори во инструмент за пресметка со опозицијата, тогаш жртви не се само политичарите, туку довербата дека во оваа држава воопшто постои институционална правда.

Филипче, од своја страна, ги отфрли тврдењата дека тој и Зоран Заев вршеле притисок за продажба на удели во приватна клиника и јавно повика да се постапи институционално. Но проблемот, како што го поставува опозицијата, е што институциите се активираат токму кога треба да се отвори предмет за „клеветите“ против него, а паралелно се распаѓа механизмот што треба да ги расчисти сомнежите за операции „за профит“.

Зачлени се на нашиот е-билтен