Оставки во грчката Влада поради скандалот со европските земјоделски субвенции

Министерот за миграција и азил на Грција, тројца заменици- министри меѓу кои и оној за надворешни работи и еден генерален секретар во грчката Влада денеска си поднесоа оставки поради скандалот со Агенцијата за управување со земјоделските субвенции од ЕУ (ОПЕКЕПЕ), јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис соопшти дека министерот за миграција и азил Макис Воридис, заменик-министрите за надворешни работи Тасос Хаѕивасилиу, за земјоделство и храна Дионисис Стаменитис и за дигитално управување Христос Букорос, како и генералниот секретар за земјоделство и храна, Јоргос Стратакос поднесоа оставки, кои се прифатени од премиерот на Грција.

Во предметот за ОПЕКЕПЕ што од европскиот обвинител беше доставен со Парламентот, според грчките медиуми, вклучени се и министри од Владата.

Досегашниот министер за миграција и азил Макис Воридис во периодот од јули 2019 до јануари 2021 година беше министер за земјоделство на Грција.

Во денешното писмо со оставката до грчкиот премиер, Воридис коментира дека во конкретниот предмет „нема релевантни докази што сведочат извршено кривично дело“.

Пред два месеци, по големата истрага за измама што ја спроведе европското обвинителство, грчката Влада одлучи Агенцијата за управување со субвенциите од ЕУ, меѓу кои и земјоделска помош во Грција (ОПЕКЕПЕ) да се укине, а функции да бидат префрлени во Независната управа за јавни приходи (ААДЕ).

На средината на мај Европскиот јавен обвинител придружувани од 20 службеници од антикорупциската единица на грчката полиција, спровеле инспекција во седиштето на ОПЕКЕПЕ, при што била откриена широко распространета шема со фиктивни тврдења за пасишта користени за измамничко добивање земјоделски средства од ЕУ. 

Зачлени се на нашиот е-билтен