Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Остра осуда од ССНМ и ЗНМ за денешните закани, заплашувања и обиди за замолчување на новинарите Стојанчов и Колевска Делевска

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) најостро ги осудуваат денешните закани, заплашувања и обиди за замолчување насочени кон новинарката на „Сакам да кажам“, Соња Колевска Делевска и кон новинарот на телевизија Телма, Срѓан Стојанчов.

„Новинарот Стојанчов, по објавување на текст за кандидатурата на Афрона Верзиволи за избор во Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги, во приватна порака добил сериозни закани и заплашувања, проследени со пцости од профилот на извесен Фаик Демири, кој се совпаѓа со името на братот на Адриан Демири, сопруг на Верзиволи и прв човек на огранокот на Алијанса на Албанците во Липково. Ваквите закани особено кога доаѓаат од лица блиски на политички или партиски функционери се недозволиви и претставуваат сериозен обид за замолчување на новинарите, предизвикуваат несигурност и се сериозен потенцијал за автоцензура“, се вели во реакцијата на ССНМ.

Во вториот случај, новинарката Колевска Делевска додека ги извршувала секојдневните работни задачи во Собранието, односно му поставувала прашања на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, директно била попречена од пратеникот Драган Ковачки со обвинување дека снима.

„ССНМ смета дека крајно непрофесионално и недозволиво е избрани лица кои ги претставуваат граѓаните во Собранието да се однесуваат на ваков начин со новинарите и тие треба да бидат свесни за потребата од транспарентност и отвореност кон медиумите, а со тоа и кон граѓаните. Потенцираме дека ваквите навреди и обиди за замолчување на новинари се недопустливи во едно демократско општество и се сериозен удар за слободата на медиумите“, реагира ССНМ.

„Ги повикуваме сите политички претставници да покажат соодветно ниво на почит и конструктивен однос кон медиумите и нивните претставници, да одговараат редовно на нивните прашања, и да се воздржат од какви било форми на притисок и клевети. Потсетуваме дека слободата на медиумите и правото на новинарите да поставуваат прашања се основни принципи на демократското општество. Секој обид за попречување, заплашување или дискредитација на новинарите претставува директен напад врз слободата на изразување и транспарентноста на институциите“, соопшти ЗНМ.

Од ЗНМ нагласуваат дека ќе продолжат будно да ја следат состојбата со правата на медиумските работници и да се залагаат за заштита на професионалните новинарски стандарди.

Зачлени се на нашиот е-билтен