И по осум месеци откако Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ ги затвори вратите, од институциите нема ниту една јасна информација — дали ќе се гради нов објект, кој веќе седум години тапка во место, или пак ќе се реконструира постоечкиот.
Иронијата е болна: во градот кој го чува најстариот театарски фестивал во Македонија, театар повеќе нема.

Актерите сведочат за најтешките месеци во својата професионална кариера. „Кога дознав дека се затвора, нешто се откина во мене.“, вели Андон Јованоски, Ашата, актер во пензија од Прилепскиот театар, присетувајќи се на „дупките во таванот“, на условите во кои работеле, но и на битките што ги воделе да создадат успешни претстави.

„Буквално плачевме,“ вели Катерина Чакмакоска, дел од ансамблот на Прилепскиот театар. Денес, тие пробуваат во туѓи простории, а секоја проба завршува со истата сурова реалност: нема куќа, нема дом.

Нововработениот актер Илија Волчески, кој по цели десет години чекање конечно добил вработување токму во периодот на затворањето, го чувствува парадоксот уште посилно: „Не може најтеатарскиот град да живее без театар. Упорноста нè држеше секогаш, ама сега мора работите да мрднат.“

Театарот е симбол на Прилеп. А Прилеп веќе осум месеци живее без симболот кој го создава неговиот културен идентитет.

