Настрешницата на железничката станица во Нови Сад денеска околу пладне се урна. Според првите информации има загинати и повредени.
Во Нови Сад изјави дадоа премиерот Милош Вучевиќ и министерот за полиција Ивица Дачиќ.
Вучевиќ рече дека ова е еден од најтешките денови во повоената историја на Нови Сад.
– Голема, страшна трагедија – рече премиерот, и упати сочувство до семејствата на загинатите.
По повикот спасувачите веднаш по повикот пристигнале на местото на несреќата, рече Дачиќ, додавајќи дека во акцијата учествуваат близу 80 спасувачи од повеќе градови.
– Исклучително тешка акција, која секако ќе потрае уште неколку часа. Осум тела се извлечени од урнатините. Две лица се во болница, тие преживеале, иако состојбата на едниот е доста тешка, ампутирана му е ногата – рече Дачиќ.
Градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, изјави дека се повредени повеќе од 30 лица. Инаку, под настрешницата имало клупи и на нив во моментот на падот имало голем број граѓани, јавија српските медиуми.
Стариот дел од настрешницата се урна околу 11,50 часот. Брза помош, полиција и противпожарни возила се на терен.
Објектот на железничката станица беше реконструиран неодамна, а беше свечено отворен на 5 јули годинава.
Изведувач на реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, чиј дел денеска се урна а, беше кинескиот конзорциум CRIC&CCCC („China Railway International Co.Ltd“ и „China Communications Construction Company Ltd“).