Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Осумдесет земји во Париз ќе расправаат за Газа

 Околу 80 земји и меѓународни организации се состануваат денеска во Париз за да го координираат испраќањето помош и да проценат како да им се помогне на ранетите во Газа.

Но, доколку не дојде до прекин на борбите, не се очекуваат конкретни резултати.

Франција му понуди поддршка на Израел по смртоносниот напад на палестинската исламистичка група Хамас на 7 октомври, но одмаздничките бомбардирања на Израел предизвикаа загриженост поради големиот пораст на цивилните жртви.

-Целта е да се работи со сите учесници, а исто така и со Израел… да се обезбеди подобар пристап, изјави официјален претставник на францускиот претседател пред прес-конференцијата.

Ќе присуствува и палестинскиот премиер Мохамад Штаје, но Израел не е поканет. Француските власти соопштија дека го информираат Тел Авив за развојот на настаните.

Конференцијата ги обединува регионалните актери како Египет, Јордан и арапските земји од Персискиот залив, како и западните земји и членки на групата Г20, со исклучок на Русија. На настанот ќе присуствуваат и меѓународни институции и невладини организации кои работат во Газа, како што се Лекари без граници.

Француските власти се надеваат дека конференцијата ќе послужи како основа за брз одговор од меѓународната заедница откако борбите навистина ќе престанат.

Тие ќе разговараат за обновување на снабдувањето со вода, гориво и електрична енергија и обезбедување дека помошта нема да заврши во рацете на Хамас.

Ќе се разговара и за формирање на поморски коридор за испорака на хуманитарна помош во Газа по морски пат и начините на кои бродовите би можеле да се користат за евакуација на повредените.

Зачлени се на нашиот е-билтен