Трагичен вооружен напад во средно училиште во канадскиот град Тамблер Риџ, во провинцијата Британска Колумбија, однесе најмалку 10 животи и остави десетици повредени, соопштуваат локалните власти и медиуми.
Жителите на заедницата го идентификувале осомничениот како 18-годишниот Џеси Стренг, поранешен ученик на училиштето. Според информациите што ги пренесе порталот „Вестерн Стандард“, станува збор за трансродово лице. Полицијата потврди дека напаѓачот бил пронајден мртов на местото на настанот, а првичните наоди укажуваат на самонанесени повреди.
Дел од локалните жители изјавиле за медиумите дека осомничениот наводно ги убил и својата мајка и помладиот брат пред да замине кон училиштето, но овие информации засега не се официјално потврдени.
Инцидентот бил пријавен во вторник околу 13:20 часот по локално време. Полицијата веднаш издала итно безбедносно предупредување и интервенирала на терен.

Според последните податоци, повредени се околу 27 лица, од кои неколку се во тешка состојба. Властите претходно соопштија дека во училиштето биле затекнати шест жртви, како и напаѓачот со смртоносни повреди. Едно тешко повредено лице починало на пат кон болница, а во објект во близина на училиштето биле пронајдени уште две лица без знаци на живот.
За време на нападот, во првичното предупредување до јавноста, осомничениот бил опишан како жена облечена во фустан со кафеава коса.
Надлежните институции најавуваат дека истрагата е во тек и дека повеќе детали ќе бидат соопштени во наредните денови.

Според медиумите, ова е меѓу најтешките случаи на масовно пукање во историјата на Канада, по нападот во Монтреал во 1989 година и трагедијата во Нова Шкотска во 2020 година.
Премиерот на Британска Колумбија, Дејвид Еби, изјави дека владата ќе обезбеди поддршка за заедницата, додека канадскиот премиер Марк Карни упати сочувство до семејствата на жртвите и го откажа најавеното патување во Германија.