Откриено зошто Трамп го откажа состанокот со Путин

Трамп

Соединетите Американски Држави го откажаа планираниот самит меѓу претседателот Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин поради цврстиот став на Русија во врска со барањата за Украина, објави „Фајненшл тајмс“.

Одлуката е донесена по напнат телефонски разговор меѓу највисоките дипломати на двете земји, пренесува весникот, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата. Белата куќа засега нема дадено коментар, а ниту руските власти биле достапни за изјава.

Планираниот самит во Будимпешта овој месец бил одложен откако Москва останала при своите барања – меѓу кои и тоа Украина да отстапи повеќе територии како услов за прекин на огнот. Трамп го поддржал украинскиот повик за итен прекин на огнот долж сегашните фронтови.

Неколку дена по договорот за средба, руското Министерство за надворешни работи му испратило допис на Вашингтон со истите барања – територијални отстапки, значително намалување на украинските вооружени сили и гаранции дека Украина никогаш нема да стане членка на НАТО.

По телефонскиот разговор меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио, во кој било оценето дека Москва не покажува подготвеност за преговори, САД го откажале самитот, пренесува „Фајненшл тајмс“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави овој месец дека Украина е подготвена за мировни преговори, но нема намера прва да ги повлече своите сили од териториите што ги бара Москва.

Зачлени се на нашиот е-билтен