Во Културно-информативниот центар – Скопје, во салата „Империјал 1“, синоќа беше отворена седмата меѓународна биенална изложба „Екс либрис“, која оваа година се одржува под мотото „Отпечатоци на еднаквост – траги од внатрешното ‘јас’“.
Биеналето, во организација на здружението „Реактор“, не е само изложба на графички отпечатоци, туку и простор за колективна рефлексија за видливоста, идентитетот и трајноста на личните и општествените траги што ги оставаме зад себе. Како што истакна претседателката на „Реактор“, Тања Иванова, изложбата отвора прашања за тоа чии гласови се слушаат, а чии остануваат затскриени, и што ќе биде запаметено од нашето време.
„Екс либрисот ретко се наоѓа на насловна страница – тој е внимателно сместен на внатрешната корица, меѓу надворешното лице на книгата и нејзиниот внатрешен свет. Токму затоа, екс либрисот ѝ дава на книгата препознатливост, авторство и припадност. Таа позиција е силна метафора и за нашето време, бидејќи отпечатоците на жените и нивните придонеси често остануваат под видливата површина на општеството – суштински, но недоволно препознаени“, истакна Иванова.
Во контекст во кој еднаквоста и правдата сè почесто се третираат како маргинални теми, екс либрисот потсетува дека вистинските приказни не се секогаш на површината, но нивните траги опстојуваат. Секој поединечен екс либрис, колку и да е мал, претставува самостоен глас, а заедно тие создаваат архив на истрајност, креативност и надеж.
Биеналето останува верно на својата мисија да го афирмира екс либрисот како мала уметничка форма со големо симболично значење. Темата овозможува широка интерпретација и отвора простор за дела што го истражуваат личниот идентитет, културната припадност, феминистичките наративи, општествената критика и колективното сеќавање, како и за „тивки“ гестови на отпор што впишуваат присуство таму каде што тоа најчесто се занемарува.