Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Отворање на Меѓународниот поетски фестивал „Поетски синтези“ во Битола

Во Домот на културата во Битола вечерва свечено ќе биде отворен 13. Меѓународен поетски фестивал „Поетски синтези-2024“, во организација на Здружението за наука и култура „Нова“ и под покровителство на Министерството за култура и општина Битола.

Како што информираат организаторите, на првата фестивалска вечер ќе настапат 15 автори меѓу кои и поети гости од Италија, Хрватска и Црна Гора, како и поети од Битола, Скопје, Прилеп, Крушево и Гостивар. Тричлено жири на авторот со најуспешна интерпретација на песна ќе му додели награда „Поетска муза“, а Друштвото на ликовни уметници од Битола ќе подари прикладна уметничка слика. Исто така, ќе биде доделена награда „Поетски хоризонти“ за најдобра објавена книга меѓу две лета во издание на Здружението „Нова“.

На вториот фестивалски ден во Универзитетската библиотека во Битола со почеток во 11 часот ќе бидат промовирани италијанската поетеса Сабрина де Канио од Пјаченца со нејзината книга преведена на македонски јазик „Ослободување на злото“ и творештвото на црногорската поетеса Станка Раѓеновиќ. Исто така, ќе бидат претставени поетските профили на македонските автори-гости на фестивалот (Мирјана Стојановска, Весна Мундишевска-Велјановска, Милица Радевска, Никола Илјовски, Даниела Андоновска- Трајковска, Никола Јовановски, Михајло Свидерски и други).

Во 18:30 часот во алтернативниот простор на „Порта џез“ ќе се одржи „Хрватска вечер“ со претставување на творештвото на поетите: Диана Буразер, Дарија Жилиќ, Валерио Орлиќ и Срџан Духовиќ од Хрватска.

На третиот фестивалски ден поетите ќе го реализираат „Поетскиот симпозиум во чекори“ на Широк Сокак на тема: карактеристиките на современата национална поезија.

Организаторите на фестивалот очекуваат стотина гости, љубители на поезијата, студенти и ученици. Со фестивалот „Поетски синтези“, Битола го добива приматот „Град на поезијата“.

Треба да знаете
Moже да ве интересира