Отворен повик за драмски автори за „Драмолетање“ 2.0

17 октомври: Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп објавува отворен повик за учество на второто издание на пичинг-форумот „Драмолетање“, кое ќе се одржи за време на 60. издание на фестивалот во јуни 2026.

По успешното прво издание на форумот „Драмолетање“, кое овозможи простор за афирмација на нови автори и современи драмски текстови, продолжуваме со нов циклус посветен на развивање на македонската современа драма и поврзување на авторите со театарските институции и продукции.

„Драмолетање“ претставува платформа посветена на откривање и поддршка на нови драмски гласови, развивање и презентација на оригинални драмски текстови, поттикнување креативен дијалог меѓу авторите, режисерите и театарските професионалци, како и создавање можности за сценска реализација на нови македонски драми.

На повикот може да се пријават драмски автор(к)и – државјани на Република Северна Македонија со оригинални и неизведени драмски текстови.

Секој автор може да пријави еден драмски текст.

Пријавите треба да содржат:

  • Кратка биографија на авторот (до 150 збора);
  • Контакт-информации (телефон, е-пошта);
  • Краток синопсис/резиме на драмата (до 1 страница);
  • Целосниот драмски текст;
  • Мотивациско писмо (до 1 страница).

Пријавите се испраќаат на e-пошта: dramoletanje@mtf.com.mk, со назнака во Subject: „Пријава за Драмолетање 2.0 – [име и презиме на авторот и наслов на драмата]“.

Рокот за пријавување е до 1 март 2026 година. Резултатите од повикот ќе бидат објавени на www.mtf.com.mk најдоцна до 15 мај 2026 година.

Пичинг-форумот ќе се одржи за време на МТФ „Војдан Чернодрински“ (13-14.6.2026). Апликациите ќе бидат оценети од страна на стручна комисија која ќе одбере драми врз основа на нивната оригиналност, релевантност и продукциски потенцијал. Избраните автори ќе имаат можност да учествуваат во менторска подготовка за својата презентација, да ги претстават своите драми пред стручна публика, режисери, драматурзи и продуценти, како и да воспостават контакти за понатамошна продукциска реализација.

Искористете ја оваа можност за да ја претставите вашата драма, да добиете стручни совети и да ја доведете чекор поблиску до сценска реализација!
По форумот, дел од избраните драми ќе бидат објавени во второто издание на книгата „Драмолетање“ во издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ со цел да се обезбеди видливост и поддршка на современата македонска драма.

За сите прашања и дополнителни информации, обратете се на: dramoletanje@mtf.com.mk

Како резултат на „Драмолетање 1.0“, неодамна издадовме и книга во која се поместени четири драми избрани на првото издание на „Драмолетање“. Изданието е достапно електронски на www.mtf.com.mk.

Со „Драмолетање“, МТФ „Војдан Чернодрински“ не само што отвора простор за новите драмски гласови, туку и создава динамична платформа што може да ја обликува иднината на македонскиот театар. Оваа иницијатива е повеќе од обичен повик за текстови – таа е поттик за создавање и можност за вмрежување. Ако драмскиот текст е основата врз која се градат моќни претстави, тогаш „Драмолетање“ е лет што треба да го врати македонскиот драмски автор на заслуженото место – на македонската театарска сцена.

Зачлени се на нашиот е-билтен