Со денешниот верски празник Митровден, во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, која се празнува на 8 ноември, започнува сезоната на македонските верски слави.
Многу од семејствата во земјата во овој период од годината имаат домашна слава или именден и тие се слават во кругот на блиските и со пријателите. Свештениците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија велат дека сега почнува периодот на зимското прославување на светителите како домашни слави меѓу македонските верници. Одбележувањето на домашниот празник или славата, претставува начин на прославување на светиите, како што практикува и македонскиот православен народ во неговата традиција и црковно живеење. МПЦ смета дека тоа треба да се негува како духовен белег на македонскиот народ и држава.
Од Македонската православна црква – Охридска архиепископија велат дека славите што претстојат во следниот период, односно во ноември и во декември, се прославуваат најмасовно меѓу православните верници.
Инаку, почетокот на зимските слави може да се смета дека започнаа со празникот Света Петка, кој се празнуваше кон крајот на октомври.
На 21 ноември следува Архангел Михаил, потоа почнува божиќниот пост, а со тоа и времето за посните слави. Македонските верници масовно го слават и Свети Никола на 19 декември.
Од МПЦ-ОА укажуваат дека верниците треба да внимаваат на тоа славите да ги празнуваат во духот на православието, односно ако славата се паѓа во среда и во петок да се одбележува со посна трпеза, исто како што тоа треба да се прави за време на постот.
Според теолозите, секој верник има различен пристап во изборот на тоа кој светител ќе го земе за свој закрилник, за домашен празник или слава.
– Некои го земаат оној светител, чие име го носат. Но, понекогаш за домашна слава се зема и денот на крштението доколку се совпаѓа со денот на празникот на светителот којшто се празнува тој ден.
Ова затоа што што крштението во православната црква е духовно раѓање, па, наместо роденденот, христијанинот го слави духовното раѓање, односно духовниот роденден, и затоа ќе го земе за свој покровител светителот што е на тој ден – велат теолозите.
Теолозите објаснуваат дека може да се празнува и името на светителот кому му е посветен храмот или некој манастир во близината каде што живееме, а може да се земе за домашен празник тој светител, кому некој од нашите предци му изградил храм, па тоа останало во семејно наследство. Исто така за семеен заштитник и домашен празник може да се земе и светителот или светителката за коишто славениците веруваат дека во одреден момент од животот токму тој светител или светителка му помогнале, го излекувале, го спасиле од несреќа, го предупредиле за некоја несреќна случка – објаснуваат теолозите.
Се слави смртта на светителот
Според теологот Ратомир Грозданоски, професор на Богословскиот факултет во Скопје, значајно е да се каже дека денот кога се прославуваат светиите, тоа не е денот на нивното раѓање, туку денот на нивната смрт, затоа што според православната вера смртта е само премин во вечноста.
– Во црквата, светителите се прославуваат на нивните умрендени, а не на нивните родендени. Тоа е така зашто од смртта започнува нивното пројавување на светоста, затоа што смртта, според учењето на православната вера, значи раѓање за вечноста. Гробот е врата низ која се мине од овој во вечниот живот. Смртта значи раѓање, па затоа и тој умренден е и прослава на светителот. Особено значајно е и тоа дека тие умрендени се прославуваат за сите светии, а православната црква прославува родендени само на три личности, како Господ Исус Христос, Богородица и свети Јован Крстител – посочува теологот Грозданоски.
Во ноември и декември следуваат Архангел Михаил – 21 ноември, Свети Климент – 8 декември, Свети 15 тивериополски маченици – 11 декември, Свети Никола – 19 декември…
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 26 октомври.
Денеска е Св. великомаченик Димитриј – Митровден.
Свети Димитриј се роди во Солун, во третиот век. Беше син единец на солунскиот војвода. По смртта на татко му, цезарот Максимијан го постави Димитриј на истото место и посебно му препорача да ги гони христијаните. Меѓутоа, Димитриј не само што не ги гонеше, туку и јавно ја исповедаше и проповедаше верата во воскреснатиот Христос. Штом слушна за тоа, цезарот, враќајќи се од еден поход, сврати во Солун, за да ја испита работата. Го повика Димитриј, кој не ја одрекуваше својата вера и дури и го убедуваше цезарот во бесмисленоста на идолопоклонството. Максимијан се разгневи и го фрли Димитриј во затвор, а по неколку дена и го погуби. Некои христијани го земаа неговото тело и чесно го погребаа. На тоа место подоцна беше подигната црквичка, а после и голема црква, која до ден денес се наоѓа во Солун. Таму се сместени и неговите мироточиви мошти.