Отворена интерактивната изложба за млади „Вселена.Човек.Интелигенција“

Вселена.Човек.Интелигенција. е интерактивна изложба за млади, која Гете-институт во соработка со друштвото Макс Планк ја прикажува ширум светот, а од 3 до 28 април 2023 е поставена во изложбениот простор на Културно-информативниот центар во Скопје.

Изложбата беше официјално отворена денеска во 11:00 часот од страна на продеканката на ФИНКИ, г-ѓа Магдалена Костоска, заменик амбасадорот на Германија, г-дин Ото Граф и основачот на апликацијата „Мој воздух“, г-дин Горјан Јовановски.

Изложбата е отворена за посетителите од понеделник до петок од 10:00 до 20:00 часот и сабота од 10:00 до 14:00 часот. Содржината на изложбата е на германски јазик, а достапен е превод на англиски јазик, а влезот е бесплатен.

Изложбата ги претставува сегашните и идните истражувачки проекти од Германија и поставува значајни прашања кои се однесуваат на нас како жители на Земјата и на кои ние се обидуваме да одговориме: Од каде доаѓаме? Каде одиме? Што не прави да бидеме луѓе?

Изложбата обработува пет големи тематски области: Вселена, Историја на човештвото, Мозок, Антропоцен и Вештачка интелигенција. За секоја од наведените теми постои соодветна станица, на која посетителите на забавен начин и со интерактивни елементи може да дознаат повеќе за темите како што се на пр. компјутерско преобразување (морфинг) на лице, прикажувања на растојанија во вселената со помош на атмосферска обвивка, инсталации, со коишто може да се доживеат различни емоции преку влијанието на музиката или интеракцијата на роботите и сл.

Целта на изложбата е на сите заинтересирани за Германија и германскиот јазик да им покаже дека истражувањето во Германија ужива висок статус и е важен дел од германската култура.
На посетителите ќе им биде понудено водење низ изложбата, како и забавни задачи за изложбата во времетраење од 60 до 90 минути. За време на изложбата ќе се нудат и презентации на можности за студирање во Германија од страна на Асоцијацијата на кариерни советници, кариерно советување од Германската служба за академска размена и други настани наменети за млади.

Зачлени се на нашиот е-билтен