Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Француската врска на македонските сликари: Отворена изложбата „Париски рефлексии“ во Чифте амам

Националната галерија во соработка со Францускиот институт во Скопје, во рамките на активностите по повод месецот на Франкофонијата, го подготви второто продолжение на изложбата под наслов „Париски рефлексии“, која беше отворена денес (9 март) на пладне во Чифте амам. Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија.

Оваа значајна изложба ги претставува делата на втората генерација македонски уметници кои реализирале студиски престој, изложби или на извесен начин во дел од нивното творештво биле поврзани со центарот на светската уметност – Париз. Тоа нивно искуство, несомнено, извршило влијание врз развојот на македонската уметност, особено во доменот на надреализмот, енформелот и останатите тогаш актуелни светски тенденции.

Обраќајќи им се на бројните почитувачи на ликовната уметност во Чифте амам, директорката на Националната галерија д-р Дита Старова Ќерими го посочи овој „париски легат“ на македонското сликарство како уште еден темел во постоењето на галериите и музеите како места за директна, физичка средба на творците и љубителите на нивната уметност.

Стево Пендаровски, Надја Бомгартнер, Дита Старова Ќерими и Н.Е. Сирил Бомгартнер

Кога ќе се погледне селекцијата на авторите родени до 1930 година, кои ја дефинирале ликовната сцена кај нас во периодот од завршетокот на Втората светска војна до крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години на 20. век, неодминлив е впечатокот дека станува збор за супериорна репрезентација на македонскиот дел од ликовната уметност.

Ако минатата година во Националната галерија ги видовме париските импресии на основоположниците на македонската современа уметност – Димитар Аврамовски Пандилов, Лазар Личеноски и Никола Мартиновски, потоа Томо Владимирски, Борко Лазески, Лена Стефанова, Димо Тодоровски, Димче Коцо, Борка Аврамова… годинава сведочиме на делата на Вангел Коџоман, Димитрије Поповиќ – Цицо, Борислав Траиковски, Димитар Кондовски, Томо Шијак, Петар Мазев, Спасе Куновски, Ордан Петлевски, Иван Велков, Богољуб Ивковиќ, Ристо Лозаноски, Ванчо Ѓорѓиевски, Трајче Јанчевски, Вангел Наумовски, како и францускиот уметник Клод Дервен, големиот пријател на поголемиот дел од споменатите сликари, кој во поново време творел и во Македонија.

Амбасадорот на Франција во Република Северна Македонија, Н.Е. Сирил Бомгартнер, го истакна поврзувањето на двете култури низ личните творештва на уметниците изминатите децении и векови. На таа традиција која ги негува долготрајните уметнички и културолошки врски во неговиот поздравен говор се надоврза и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој ја прогласи изложбата за отворена.

Куратор на изложбата Маја Чанкуловска-Михајловска во изјава за Рацин.мк посочи дека Македонија културолошки е франкофонска земја.

Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија

Годинава по втор пат ја организираме изложбата „Париски рефлексии“ во рамките на месецот на Франкофонијата. Македонските уметници кои биле под влијание на „Париската школа“, таа позната синтагма за интернационалната школа полна со уметници од целиот свет, го носеле импресиите и сознанијата за новините во уметноста дома. Има многу историски материјал за оваа изложба, и затоа решивме да биде во повеќе продолженија, и третиот дел е планиран за наредната година, вели Чанкуловска-Михајловска.

Колку што македонските уметници ги носеле импресиите од „Париската школа“ во татковината, толку тие и изложувале во париските галерии и музеи.

Меѓу делата изложени на годинешните „Париски рефлексии“ во Националната галерија се и оние на Вангел Наумовски, чија изложба во Париз во 1967 година ја посетил и Салвадор Дали. Коментарот на Дали за Наумовски гласел дека е „сликар од бајките!“. Тоа е само еден пример за нашите сликари кои повеќе пати изложувале во Париз, потсетува Чанкуловска-Михајловска.

Фотографии: Ангел Ангеловски

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново