Стрелките на часовникот се враќаат наназад: во 03:00 часот повторно ќе биде 02:00. Со тоа официјално завршува летното и започнува зимското сметање на времето (стандардно време) во земјава.
Преминот на зимско време значи дека утрата ќе бидат посветли, а попладнињата побрзо ќе затемнуваат. Северна Македонија се враќа на средноевропско време (CET, UTC+1), по летниот период кога важеше CEST (UTC+2).
Кога започна оваа практика и зошто постои?
Идејата за „поместување“ на часовникот има долга историја. За заштеда на свеќа Бенџамин Франклин уште во 1784 година сатирично предлага порано будење; современата верзија ја формулираат природоучникот Џорџ Вeрнон Хадсон (1895) и Британецот Вилијам Вилет (1907). Првата широка примена доаѓа во Првата светска војна: Германија и Австро-Унгарија во 1916 година воведуваат летно време за да заштедат гориво и електрична енергија; подоцна се приклучуваат и други европски земји, а САД го стандардизираат во 1918 година.
По разни прекини и локални правила, ЕУ во 1990-тите го усогласи распоредот: летното време започнува последната недела од март, а завршува последната недела од октомври. Иницијативата во ЕУ за укинување на сезонските поместувања сè уште нема финален политички договор, па правилото важи и понатаму.
Првичната цел беше рационализирање на потрошувачката на енергија и подобро искористување на природната светлина. Денес, дел од студиите покажуваат скромни енергетски придобивки и нагласуваат здравствени и сообраќајни ризици од наглото менување на дневниот ритам. Затоа темата периодично се отвора, но повеќето европски земји и натаму го следат усогласениот распоред.


