Во Систинската капела во Ватикан, под фреската на „Страшниот суд“ на Микеланџело, дојде до момент без преседан во петвековната историја на западното христијанство: британскиот монарх Чарлс III — кој е врховен гувернер на Англиканската црква — јавно се помоли заедно со римскиот папа Лео XIV. Настанот беше дел од државната посета на кралот и кралицата Камила и се одвиваше како екуменска служба на пладневна молитва, со учество и на висок англикански претставник, архиепископот од Јорк, Стивен Котрел. Медиумите и Ватикан го оценија чинoт како прва јавна заедничка молитва на владејачки британски монарх со актуелен папа по расколот од XVI век.
Заедничкото молење не е само протоколарен гест. Тоа е симболичен исчекор во екуменските односи меѓу Римокатоличката црква и Англиканската заедница, кои од 1960-тите со првите посети на кралицата Елизабета II постепено се градат преку дијалог и заеднички иницијативи. Во Систинската капела молитвата ја предводеше папата Лео XIV, а учествуваа и хоровите на Ватикан и на британските кралски капели — сценографија што намерно ја подвлече тежината на историскиот момент.

Историски контекст:
Корените на разделбата се во Англиската реформација, Со Актот за супремација (1534) парламентот го призна Хенри VIII за „Врховен поглавар на Црквата во Англија“, со што се прекинаа институционалните врски со Рим. Подоцна, под Елизабета I (1559), улогата е преформулирана во „врховен гувернер“ — титула што денес ја носи монархот.

Во суштина, причината што Хенри VIII ја прекинал врската со Рим лежи во неговата лична, но и политичка драма со бракот со Катарина Арагонска. Откако по повеќе од дваесет години брачна заедница не добил машки наследник, кралот побарал развод за да се ожени со Ана Болен — надежта дека таа ќе му подари син и ќе го обезбеди династискиот континуитет на Тудорите. Меѓутоа, папата Климент VII одбил да му го поништи бракот, под силно влијание на шпанскиот крал и цар Карл V, кој бил внук на Катарина. Разочаран и решен да ја задржи својата моќ над духовните и световните прашања, Хенри VIII во 1534 година го наметна Актот за супремација, со кој се прогласи себеси за „врховен поглавар на Црквата во Англија“. Тоа било само љубовен бунт, туку и политички чин на независност — прв чекор кон раѓањето на Англиканската црква и трајното одвојување на Британија од Ватикан.

И покрај зближувањата во XX век, суштинските теолошки разлики останаа. Во 1896 година, папата Лав XIII со апостолското писмо Apostolicae curae прогласи дека англиканските свештенички ракоположувања се „апсолутно ништовни и неважечки“ — документ кој и денес ја обликува католичката позиција за валидноста на англиканските свештенства.
Од 1966 наваму, сепак, се отвори нова страница. Папата Павле VI и архиепископот од Кентербери, Мајкл Ремзи, потпишаа Заедничка декларација во Рим, со што започна „сериозен дијалог“ за единството. Веднаш потоа беше основана Англиканско-римокатоличката меѓународна комисија (ARCIC), која во неколку фази изработи заеднички текстови за Евхаристијата, служението и црковниот авторитет.
Сегашниот чин се случува во момент кога Ватикан под водство на Лео XIV ја нагласува мисијата на братство и надеж преку практичен екуменизам, додека британската круна — по традиција чувар на англиканската вера — испраќа порака за почит и заедништво. Самиот настан беше претставен како продолжение на поинтензивни контакти и како сигнал дека помирувањето и заедничкото сведоштво имаат предност пред историските рани.
Заедничкото молење не значи дека се надминати сите догматски разлики, исто како што не се надминати разликите помеѓу православната црква и католичката. Ниту дека постои меѓусебно евхаристиско општење. До таков чекор би водела долга богословска и канонска процедура. Но, на симболично рамниште, тоа е највисоко можно јавно сведоштво на добра волја: првпат по Реформацијата, британски монарх како врховен гувернер на Англиканската црква учествува во официјална молитва со римски папа, и тоа во срцето на католичката уметност и литургија — Сикстинската капела.
Љубителите на оваа тематика може да ја искористат вечерта да ги погледнат филмот Елизабета со Кејт Бланшет, или пак да се потсетат на исконската The Crown на Нетфликс.