Гордана Силјановска-Давкова стана прва жена претседателка во историјата на независна Македонија, додека пак пред три години Данела Арсовска станува првата жена градоначалник на Скопје. Ова се само два ретки примери на жени, кои во последните неколку години влегоа на високи позиции во политиката.
Иако годинава државата за првпат доби жена претседателка, сепак новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски падна на испит во министерскиот ешалон, па така само три жени добија министерски позиции од вкупно 24 функционерски места. Претходната влада, пак на Димитар Ковачевски во својот мандат до 2024 година имаше четири жени министерки од вкупно 21.
Врти-сучи бројката на застапени жени во политичкиот живот е тука некаде. Од осамостојувањето на Македонија и првата влада на Никола Кљусев, кога немало ниту една жена во извршната власт, сега напреднале за три до четири повеќе, што после 30 години е страшно. Во секој случај, целиот процес напредува бавно.
Истражувањата на „Реактор“ токму на оваа тема покажуваат дека состојбата во последните години не мрднала од мртва точка.
„ Слично на претходните години, и во новоформираната влада гледаме одржување на тренд на исклучување на жените од извршната власт. Меѓутоа, оваа исклученост сега е особено загрижувачка поради тоа што во март 2023 година, Комисијата за Еднакви Можности при Собранието на Северна Македонија заклучи дека се потребни промени во Изборниот законик и покрена иницијатива за квоти 50-50 за мажите и жените на репрезентативни позиции, 30% за „помалку застапениот род“ кога станува збор за градоначалничките позиции и 40% за „помалку застапениот род“ на министерските позиции.
Заклучоците од седницата беа доставени до тогашниот премиер на државата и Претседателот. За жал, до овој момент иницијативата не е адресирана и во Изборниот законик не се внесени квоти за жени на извршните позиции ниту пак се ревидирани квотите за репрезентативните позиции“, истакна Ана Бојчевска-Митревска од „Реактор“.
Во тој контекст се и наодите од истражувањето на Реактор за учеството на жените во политиката кои покажуваат дека е поголема веројатноста жените да изразат повисоки политички амбиции за политичко учество во позиции каде што квотите обезбедуваат нивна застапеност (советнички и пратенички позиции), во споредба со нивните машки колеги.
Ова значи дека жените имаат поголеми аспирации онаму каде што им е посигурно учеството и е во склад со други наоди од истото истражување кои укажуваат дека е поголема веројатноста мажите да добијат целосна поддршка од партијата во која членуваат во споредба со жените.
„Оваа разлика во добиената поддршка може да се должи на повеќе фактори, вклучително и стереотипните размислувања за женските лидерски способности или разликите на видот на прашања кои мажите и жените ги приоретизираат за време на предизборната кампања. Дополнително, постојат индикации дека како резултат на немањето пристап до политички мрежи и ресурси, како и поради разни дискриминаторски ставови и практики, жените се соочуваат со повеќе пречки кон напредокот во рамки на нивните партии“, додава Бојчевска-Митревска.
ДОСЕГА НЕМА ЖЕНА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕ
На прсти можат да се избројат жените политичарки, кои низ годините биле на високи позиции. Во владата на Љубчо Гоергиевски тоа беше Доста Димовска, која му беше десна рака на екс премиерот и министерка за внатрешни работи. Во владата на СДСМ, пак беше и Илинка Митрева, како министерка за надворешни работи.
Така да, наместо низ годините работите да се променат, ситуацијата во моментот е уште поалармантна.
Нееднаквост во пружената поддршка кон мажите и жените во политиката несомнено влијае на мотивациите и амбициите на политичарките, па дури и најамбициозните меѓу нив се помалку самоуверени дека ќе успеат да стигнат до било која од посакуваните позиции, во споредба со нивните машки колеги.
Овој родов јаз во самодовербата веројатно е и резултат на недостатокот на поддршка и менторство за жените во политиката, како и општествените норми кои ги обесхрабруваат жените од целење кон лидерски позиции.
Ова води кон неопходноста да се вложат многу повеќе ресурси и енергија за да се достигне одредена политичка позиција, поради што мотивацијата и амбициите неизбежно се намалуваат.
„Загрижувачки е и малото учество на жените во пратеничките состави, особено ако се има предвид дека жените сочинуваат половина од населението во Северна Македонија. Иако, од 1994 до 2020 година, има постепено зголемување на учеството на жените во парламентарната политика, пред афирмативните мерки, како што се квотите воведени во 2002 година, застапеноста на жените во парламентот беше исклучително мала.
Овие квоти значително ја подобрија застапеноста на жените низ годините, но сегашниот состав и забележаниот пад на женското политичко учество во споредба со претходната влада за жал укажуваат на регрес во полето на родова еднаквост во политиката. Дополнително, важно е да нагласиме дека и покрај воведувањето на квотите за репрезентативните позиции, се уште не сме имале жена претседателка на парламентот.
Родовата еднаквост во собранието е од клучно значење за решавање на различните потреби и на жените и на мажите во општеството и неопходно е жените и мажите да можат подеднакво да влијаат на одлуките и алокацијата на ресурси кои ги засегаат сите граѓани.
Зголемувањето на бројот на жени во Собранието кои преставуваат различни групи во општеството и создавањето на можности за влијание врз агендата на законодавната власт, институциите и процесите на одлучување се суштински чекори кон оваа цел“, истакна Бојчевска-Митревска.
За постигнување на родова еднаквост во политичкиот живот потребно е да се исполнат повеќе услови помеѓу засегнатите страни. Меѓу другото, од клучна важност е да се сменат актуелните родови квоти. Поконкретно, потребно е да се воведат квоти за позиции во извршните гранки на власта и да се наложи пристап 50-50 за репрезентативните позиции (50% да бидат пополнети од мажи, а 50% од жени).
Овие промени може да влијаат и на законот за политички партии, особено ако се земе предвид дека и самите политички партии се финансирани од државниот буџет. Во тој контекст, потребна е и поголема вклученост на жените во клучните извршни структури во самите политички партии, но и поголема вклученост на мажите во агендата за родова еднаквост како и насочена работа кон поддржување на оние мажи кои го препознале родовиот јаз во политиката и веруваат во каузата за еднаква женска вклученост во сите општествени процеси.
Жените во македонската политика се соочуваат со навреди од сите страни, а пред се онлајн. Анализите на Националниот демократски институт (НДИ) покажуваат дека 5 политичарки периодов биле најчеста мета на говорот на омраза.
ЗА 25 ГОДИНИ, 642 МАЖИ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ И САМО 18 ЖЕНИ
Жените секојдневно се мета на навреди, почнувајќи од тоа дека тие се за дома, да работат како домаќинки, а не да бистрат политики, дека не разбираат ништо и дека на државата и е потребна машка рака. Вака како што тргнала работата, на жените ќе им бидат потребни уште 40 до 50 години за да почне нивната улога во општеството да се сфаќа сериозно и на централно и на локално ниво.
„Машка рака треба да игра во политиката, женска во домот“. „Госпоѓо, што бараш во политика на твои години?“
Ваквите коментари се само дел од широкиот спектар родови стереотипи кои ги зајакнуваат традиционалните поими за родовите улоги и норми, и влијаат врз демотивирање и ограничување на учеството на жените во политиката. Многу лошо е тоа што се отворени специјални портали, кои работат само со таа цел, да ги навредат жените политичарки, па им се измислуваат погрдни имиња, а најчесто удираат по тоа дека жената е во сексуална врска, со цел да ја заплашат за да не влегува во политика или пак да ја натераат да се повлече, ако покажала заби.
Анализата „Политичарките и медиумската пристрасност“ на Институтот за комуникациски студии покажува дека самото присуство на политичарките во медиумите е доволна основа за нивно стереотипизирање и дискриминација поврзана со традиционалните родови улоги и изгледот на жените.
„Тоа придонесува за нивно понатамошно објективизирање и дефокус од клучните политички прашања, ги зајакнува ставовите за традиционалните одговорности и задачи на мажите и жените и ги одржува предрасудите за улогата на жената во јавната сфера. Овие наративи не само што ги дискредитираат политичките достигнувања на жените, туку и ги обесхрабруваат другите жени да влезат во политичката арена, зацврстувајќи ја идејата дека нивното место не е во политиката“, се вели во истражувањето спроведено во периодот од март до мај 2024 година.
Во прилог на тоа одат и резултатите од локалните избори. Податоците покажуваат дека од 1996 година, кога за прв пат се одржале локални избори, па се до 2021 година, биле избрани вкупно 660 градоначалници. Од нив само 18 жени градоначалнички и 642 мажи градоначалници. И на овогодинешните локални избори беа избрани само две жени градоначалнички, во општините Старо Нагоричане и Град Скопје, што е само 2,5% од вкупниот број на градоначалници и 4 градоначалнички помалку во однос на претходните локални избори.
Ирена Мулачка
Текстот е изработен во рамки на проектот “Кон еднаква иднина за девојките и жените Ромки“ а е финансиски поддржан од Women’s World Day of Prayer (WWDP), German Committee и се спроведува од страна на здружението Центар за социјални иницијативи Надеж. Содржината е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека гледиштата изразени во истата го одразуваат мислењето на Women’s World Day of Prayer (WWDP), German Committee.
Преземено од Фокус.мк