Објавена е најновата листа на најскапи градови за живот во светот, која покажува убедлива доминација на една европска земја – Швајцарија. Листата открива и каде се наоѓа Македонија во споредба со соседните држави. Анализата е изработена од платформата „Нумбео“, врз основа на податоци од над 600.000 корисници од целиот свет.
Според индексот на трошоци за живот, Швајцарија е најскапата земја, а дури шест нејзини градови се наоѓаат на самиот врв. На првото место е Цирих, пред Женева, Базел, Лозана, Лугано и Берн. Меѓу првите десет најскапи градови во светот се најдоа и три американски – Њујорк (7.), Хонолулу (9.) и Сан Франциско (10.), додека осмото место му припаѓа на Рејкјавик, главниот град на Исланд.
Индексот што го пресметува „Нумбео“ ги опфаќа секојдневните трошоци како храна, ресторани, јавен превоз, гориво, комуналии и интернет, додека кириите се пресметуваат одделно. Како референтна точка се користи Њујорк со вредност 100, па градовите со повисок индекс се поскапи, а со понизок – поевтини од американската метропола.
Во анализата се зема предвид и куповната моќ, односно односот меѓу трошоците за живот и просечната нето-плата. Минхен, најскапиот град во Германија, се наоѓа на 52. место со индекс 76,1. Тоа значи дека животот таму е околу 25 проценти поевтин од Њујорк.
Како стои регионот?
Во регионот, трошоците за живот се значително пониски во споредба со Западна Европа и САД. Најскап град меѓу соседите е Сплит, кој се наоѓа на 232. место на светската листа, по што следуваат Атина (236.) и Љубљана (237.).
Белград се наоѓа на 289. место, Софија на 297., додека Скопје е на 352. позиција, што ја вбројува Македонија меѓу земјите со најниски трошоци за живот во регионот.
Најевтините градови во светот
На спротивниот крај од листата се наоѓаат исклучиво градови од Индија, каде трошоците за живот се во просек околу 80 проценти пониски од оние во Њујорк. Како најевтин град во светот е издвоен Коимбатор, кој нуди сосема поинаква финансиска реалност во споредба со скапите европски и американски метрополи.